Дали ви се познати сите?
Getty Images; Лав Кулиџанов/Gorky Film Studio, 1970; King Vidor/Paramount Pictures, 1956Не е лесно да се измери популарноста на ликовите од литературните дела, особено ако станува збор за измислени ликови, па затоа применивме различни критериуми, со цел да ги издвоите најпознатите славни јунаци (или негативци) во сите дела на руските писатели. Ги зедовме предвид бројот на прегледи и резултати на Гугл, интервјуиравме странци итн. Еве што добивме како резултат:
Базаров разговара со жена, што не му одело од рака.
SputnikНихилист е оној што ги отфрла сите конзервативни вредности според кои се раководи општеството и кој гласно вели: „Нека оди по ѓаволите сево ова лицемерство и сета оваа глупост!“ Сама по себе оваа концепција е прилично стара, но во Русија токму Иван Тургенев го прикажал идеалниот нихилист Евгениј Базаров во својот најпознат роман „Татковци и деца“ (1862).
Младиот доктор Базаров крајно грубо ги критикува сите „велеумни“ разговори за политиката и за љубовта, сметајќи дека сето тоа се празни зборови, со што ги шокира луѓето околу себе. Тој многу работи, обидувајќи се да им помогне на луѓето, но на трагичен начин и самиот станува беспомошен како сите останати.
Аљоша е еден од тројцата браќа од познатиот роман на Фјодор Достоевски „Браќа Карамазови“. Тој е најмладиот брат и, судејќи според Гугл, најпопуларен, а секако му бил најдраг и на самиот писател. Неговите браќа Дмитриј и Иван ја симболизираат страста и рационалноста, а Аљоша е чиста христијанска душа исполнета со љубов. Во романот служи како огледало за останатите ликови, кои пред него ги откриваат своите добри страни, односно додека разговараа со него се исполнети со милосрдност и со разбирање. Подоцна тој заминува во манастир како искушеник, но по благослов се враќа во светот. Достоевски планирал во продолжението (кое не стасал да го напише) да го претстави Аљоша како револуционер.
Одри Хепберн е една од многуте актерки кои на платното ја играле идеалната жена на Толстој Наташа Ростова.
King Vidor/Paramount Pictures, 1956Наташа Ростова е најпопуларна од сите главни јунаци на епскиот роман на Толстој „Војна и мир“, односно, од Пјер Безухов и од Андреј Болконски, судејќи според резултатите што ги дава Гугл. Тоа е и разбирливо, зашто Одри Хепберн не ги играла ниту Пјер, ниту Андреј, ами токму Наташа (во холивудскиот филм од 1956 година).
Низ четирите тома од „Војна и мир“ наивното 13-годишно девојче Наташа најпрво прераснува во страсна млада жена желна за љубов, а потоа и полничка мајка на четири деца и така го овоплотува идеалот на Толстој за еволуцијата на женското начело. Наташа во целата книга е нежна и добра душа, секогаш подготвена да им помогне на луѓето околу себе.
Воланд го набљудува човештвото со разбирлив скептицизам.
Sputnik„Ѓаволот не е толку црн колку што го прикажуваат“, вели една руска пословица. Со тоа се сложува и Михаил Булгаков, автор на романот „Мајсторот и Маргарита“. Професорот Воланд на почетокот на романот се опишува како „странец“ кој во текот на триесеттите години од минатиот век ја посетил Москва, а подоцна излегува дека тоа е ѓаволот, кој со своите гротескни демони дошол да го види социјалистичкиот град.
Булгаков не го прикажува Воланд како зло суштество, ами повеќе како филозоф кој ги казнува само лошите луѓе и со интерес ги набљудува советските граѓани, по што изведува заклучок дека тука нема ништо ново и на крајот од приказната одлетува, оставајќи во воздухот остар мирис на сулфур.
Иљја Обломов во својата „зона на комфорот“, односно на каучот.
SputnikОбломов е познат мрзливец од истоимениот роман на Иван Гончаров, објавен во 1859 година. Тој во целиот роман се излежува на каучот и фантазира за големите дела што ќе ги оствари, но никогаш ништо конкретно не презема.
Тоа не е денешниот јапонски „хикикомори“. Станува збор за мрзливост која е типична за Русите кога човек мечтае за нешто големо, но не прави ниту еден чекор за да го оствари тоа. „Во секој од нас има доста сличности со Обломов“, пишува критичарот Николај Доброљубов, современик на писателот. Според тоа Обломов во извесна смисла е најтипичен Русин во руската литература.
Хансе Матесон (десно) во 2000 година го одигра Живаго во серијата на Џакомо Кампиоти.
Giacomo Campiotti/Granada Television, 2002И ова е лик по кој го носи името целиот роман („Доктор Живаго“ од Борис Пастернак, 1957). Јуриј Живаго е физичар кој низ животот го следат ужасите од револуцијата и од граѓанската војна во Русија од почетокот на 20 век. Во сите тие настани тој го има изгубено своето достоинство. Пастернак за овој роман ја има добиено Нобеловата награда и голем број непријатности во татковината (советските власти биле незадоволни од романот на интелектуалецот). „Доктор Живаго“ и денес е многу популарен. Не е ни чудо што има снимено толку екранизации, а меѓу нив и верзијата од 2002 година со Кира Најтли во главната улога.
Ралф Фајнс како Евгениј Онегин.
Getty ImagesРоманот во стихови „Евгениј Онегин“ од Александар Пушкин спаѓа меѓу најпознатите литературни дела во Русија. Учениците многу делови ги учат напамет и тоа им останува врежано во сеќавањето до крајот на животот.
Во странство не е толку многу позната приказната за младиот, но веќе изморен аристократ кој ги уништува туѓите животи, а на крајот и сопствениот. Сепак, за популарноста на Онегин имаат придонесено неколку добри преводи на други јазици, операта на Петар Чајковски и секако британско-американскиот филм од 1999 година со Ралф Фајнс. Ние го ставивме Онегин на ранг-листата како најголем негативец во руската литература, но тоа воопшто не ја намалува вредноста на романот.
Раскољников е најпопуларен лик на Фјодор Достоевски. Главниот јунак на романот „Злосторство и казна“ одамна стана меме за убиство на старицата со секира. Но, во времето на писателот бил претстава за грешен интелектуалец кој се дрзнал да одземе живот на некој друг поради своите апстрактни „возвишени идеи“. За тоа платил со слободата, со оглед дека завршил во затвор, но уште поважно е што го согледал својот грев и горко се каел. И на крајот се претворил во меме на Интернет.
Технички гледано, Владимир Набоков ја има напишано „Лолита“ на англиски во 1955 година, а истоимената јунакиња на романот е Американка, но со оглед на тоа што Набоков бил руски писател и што „Лолита“ самиот ја превел на руски, сепак ја вклучивме во овој список. Веднаш штом беше објавена, приказната за младата девојка Лолита каде нараторот е педофил, крена толку голема прав во конзервативните делови од САД, што тоа не може да се заборави. Направени се неколку адаптации на овој роман – два филма (еден на Кјубрик), еден мјузикл, два балета и една опера.
Лолита останува запаметена како симбол на изгубената невиност. Дури и гледачите набљудуваат со очите на педофилот, кој се прикажува како малку порочна и подмолна личност. Во секој случај, невозможно е да не се сожалиме над нејзината ужасна судбина. Можеби токму тоа е и причината за нејзината популарност.
Таа е навистина шампион по популарноста! Каренина е јунакиња на истоимениот роман чиј автор е Лев Толстој, еден од најпознатите руски писатели. Постојат триесеттина адаптации на ова литературно дело во различни варијанти. Режисерите ги привлекува ликот на страсната жена со цврст карактер чија желба за среќен живот трагично се спротивставува со конзервативните вредности што владеат во Русија во 19 век. Ако некој странец слушнал за само еден лик од руската литература, тогаш голема е веројатноста дека тоа е Ана Каренина.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче