Руската зима не е за нејаки: Како во Санкт Петербург им одолеваат на незапамтените снежни врнежи

Александр Гаљперин/Sputnik
Лесно му е на Санкт Петербург да го оправда романтичниот имиџ на Северна Венеција лете, особено во сезоната на белите ноќи. Меѓутоа, во зимските месеци северната престолнина на Русија ја тестира силата на духот, но и на коските.

Јануари 2022 година на северозападот на Русија беше специфичен. Овде нема толку екстремно ниски температури како, да речеме, во Јакутија, но затоа има обилни врнежи од снег. На „Инстаграм“ комплетна зимска бајка, а во реалниот живот тешки искушенија за граѓаните.

Комуналните служби не успеваат да ги отстранат навевите, па жителите се принудени самите да си го пробиваат патот и да излегуваат од дома со лопати.

Секојдневното одење на работа на еден Петербуржанец најмногу личи на совладување патека со пречки. Доколку во текот на ноќта паднале од 15 до 20 сантиметри снег, сметајте дека ќе треба самите да си го расчистете патот. Прво треба да направите „мравја патека“ до метрото или до станицата на јавниот превоз.

А тогаш, ако имате среќа да работите во историскиот центар на поранешната престолнина, ве чека патека со пречки во вид на скриен мраз под снегот и долги тенки мразулци кои висат како сталактити. А понекогаш и паѓаат.

Животот на сопственик на автомобил не е ни најмалку полесен. Поради излегувањето на голем број возила за чистење снег на терен се создаваат километарски колони. Би им советувале да го паркираат автомобилот покрај работ на коловозот или во дворот само на оние кои имаат одлични услови за осигурување (поради мразулците) или имаат доволно време и се вооружени со лопати (за да ги ослободат возилата од навевите што ги завеале во текот на ноќта).

Со повременото затоплување состојбата не се подобрува, наместо лизгалки, петербуржани облекуваат гумени чизми и калачи и излегуваат да се шетаат по сивиот кашест снег и калта што се задржува долго.

Хаосот инаку го предизвика северноатлантскиот циклон Надја, кој го зафати европскиот дел на Русија.

Петербуржаните се силни луѓе. Дури и лицата со попреченост се впуштаат во борбата против стихијата.

Да го чисти снегот пред куќата излегла и баба која ја преживеала воената блокада на градот и не успеала телефонски да ги добие комуналните услуги.

Има и храбри луѓе кои користат велосипеди за да се движат низ центарот на градот, и тоа не се само доставувачите.

Дури и мачките помагаат во чистењето на снегот!

А некои само седат дома и ги поставуваат минатогодишните мемиња.

Некои генијални граѓани им оставаат на навевите злонамерни пораки на градските челници, надевајќи се дека на тој начин побрзо ќе бидат исчистени.

Меѓутоа, градските власти соопштуваат дека за 24 часа на први февруари од петербуршките улици биле отстранети над 42 илјади кубни метри снег, а од почетокот на зимата над 2,7 милиони. „Тоа е двојно повеќе од лани во текот на цела зима“, соопшти градската служба за односи со јавноста, нагласувајќи дека градот од снег и мраз деноноќно го бранат околу 1200 работници и неколку илјади машини.

Петербуржани практично треба да се истераат уште два зимски месеци. Пролетта на северозападот на Русија се чини дека нема да дојде наскоро. Тоа го навестија мрмотите Ижорик и Августина од Ленинградската зоолошка градина. И додека нивните колеги од САД и Канада го слават својот „професионален празник“, овие животни задоволно го преспаа.

Традиционално се верува дека ако мрмотот излезе од дувлото на втори февруари и ја види својата сенка и се исплаши, пролетта треба да се очекува за шест недели. А ако мирно ја напушти својата куќа, на мразовите им одѕвонило.

„Зимата во Санкт Петербург годинава е умерено студена и со многу снег. Нашите полнички Ижорк и Августина цврсто спијат во своите засолништа и немаат намера да се разбудат“, велат од Ленинградската зоолошка градина.

А како изгледа зимата во вашиот град?

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња