Слајдшоу: „Руска реч“ на српски
Ако тргнете по коридорот А189 од Владивосток кон границата со Кина и со Северна Кореја, ќе видите многубројни острови и плажи, живописни заливи, стрмни карпи и други природни убавини.
Полуостровот Гамов е едно од местата на Јужното Приморје што задолжително треба да ги посетите ако се најдете на Далечниот Исток. Крајната точка на полуостровот е ‘ртот Гамов. Оттука се отвора видик кон сите три страни на светот: пред вас е Јапонија, малку појужно е Корејскиот Полуостров, а на запад се гледа островот Фуругелма – најјужниот остров во Русија. На ‘ртот над сто години стои „Светилникот број 1“, кој е изграден уште во царска доба. Тоа е воедно и најјужниот светилник во Русија.
Тука морето е уникатно, со сложен подводен релјеф. Големите длабочини (од 20 до 40 метри) почнуваат речиси на самиот брег. Морето е исклучително прозрачно, струите се благи, а подводниот свет е мошне богат. Ова е вистински рај за љубителите на природата и на подводниот свет, зашто Јапонско Море е прочуено по многубројноста на живиот свет. Кога ќе се споредат истите видови животни што живеат во различни мориња во Русија и низ светот, може да се забележи дека примероците од Јужното Приморје се значително покрупни. Странците што нуркаат во Јапонското Море го нарекуваат овој регион „Land of Giants“ („Земјата на џинови“).
За оние што сакаат да нуркаат до потонатите објекти, во морето има неколку бродови што потонале на различни длабочини и под различни околности. Интересот за потонатите бродови е сосема разбирлив: секој брод има своја приказна и е посебен по нешто. Освен тоа, потонатиот објект не е само грамада железо туку и вистински вештачки гребен со разновиден екосистем.
Од другите занимливости треба да се споменат фортификациските објекти по должината на целото Приморје. Од основањето на Владивосток, па сè до средината на педесеттите години од дваесеттиот век била градена линија со тврдини по должината на брегот на Заливот на Петар Велики. Војската веќе одамна не ги користи овие објекти, бетонските бункери се обраснати, а од морските котлини на овој залив се наѕираат нивните празни пушкарници.
Освен тоа, во Приморјето има десетина посебни заливи, за кои се поврзани важни настани. Меѓу нив е и морскиот залив Витез.
Извор: Андреј Серебрјаков, Евгениј Новиков / Topwonders.ru
Овој залив е заштитен од силните бранови и од лошото време, а западните ветрови носат сув и топол воздух. До заливот Витез води земјен пат, избразден со многубројни длабоки траги од тркала, кои по дождот се претвораат во кал.
Една од занимливостите на морскиот залив од нејзиниот ран период се урнатините на имотот на Јан Михајлович Јанковски, син на прочуениот Михаил Јанковски. Семејството Јанковски има вложено многу во развојот на Приморскиот крај од 1870 до 1922 година, но по доаѓањето на Црвената армија, тие биле принудени да ја напуштат Русија. Јан на ‘ртот Гамов организирал здружение на одгледувачи на елени, но од тој период е сочувана само куќата на Јан и шумските просеци на планината Туманаја. Оваа куќа, според сведоштвата на роднините на Јан, личела на замоците од времето на Крстоносните војни, зашто тоа биле немирни времиња, разбојниците од Кина постојано навраќале на југот од Приморскиот крај. По 1922 година куќата служела час како пошта, час како продавница, а денес од неа се останати само носечките ѕидови.
Заливот Витез во помала или во поголема мера успешно им служела и на војската и на науката. На пример, во четириесеттите и во педесеттите години од минатиот век овој залив служел како база за дизел-подморници. Подоцна, во седумдесеттите и во осумдесеттите години од 20 век војниците се повлекле под притисок на науката и за неа биле изградени многубројни лаборатории за институтот на Далекоисточниот оддел на Руската академија на науките, но во осумдесеттите години војската тргна во контранапад и ја потисна науката од поголемиот дел на заливот. Тогаш морскиот залив го зазеде Главната разузнавачка управа за потребите на тајниот проект за дресура на делфини и на фоки за неутрализирање непријателски подморници, подводни мини и диверзанти. Проектот беше затворен во 1998 година.
Денес Витез не е интересен само за нуркачите, туку и за љубителите на долгите прошетки. Левиот брег на влезот на заливот започнува од ‘ртот Таранцев и оттука може да се помине пеш по должината на целиот брег. Во времето кога тука биле стационирани подморниците, преминот помеѓу двата ‘рта бил заграден со противподморнички мрежи, така што и денес околу ‘ртовите под водата можат да се видат потонати пливци, парчиња мрежа и големи бетонски сидра. Овој морски залив е ограден со тесни патеки од песок и крупни камења.
Сепак, зајдисонцата тука, секако, се најатрактивната појава. Речиси секој залез на сонцето претставува фантастична глетка, која останува во сеќавањата долго по посетата на морскиот залив Витез.
При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, ве молиме да поставите активен линк кон страницата од која е преземен текстот.