Извор: inikitin.
Се смета дека прв руски архитект кој употребил готски елементи во своите градби бил Василиј Баженов, кој во седумдесеттите години од 18 век ја проектирал резиденцијата Царицино во близина на Москва за императорката Екатерина Втора. Баженов, кој своето образование го стекнал во Европа, добил нарачка директно од Екатерина за изградба на ансамбл по „готски вкус“, сличен на зданијата од француската и од италијанската готика.
Имено така, преку искуството од патувањата во странство, руската архитектура се збогатувала со средновековнотот архитектонско наследство на Европа. Европската готика, донесена на руска почва, не станала стил на масовната архитектура: нејзиното влијание се одразило само на поединечни објекти, кои главно се наоѓаат во престолнината.
Заради толку доцното појавување, руската готска архитектура во целосна смисла на зборот не може да се смета за готска. Кога се зборува за зградите во овој стил, обично се употребува терминот „неоготика“, по аналогија со правците во британската архитектура, кои направија препород на готиката од епохата на Средновековието. Сепак, треба да се знае дека средновековниот готски стил како таков во Русија не постоел, а тоа значи дека во руската литература немало ништо за препород. Затоа, некои го определуваат овој стил како „псевдоготика“.
Но, како и да е, на картата на Москва постојат неколку згради, на кои јасно се гледаат цртите на европскиот „варварски“ стил. Елементите на готскиот декор се најкарактеристични, како и во Европа, за религиозните градби: католички, англикански и лутерански. Освен нив, архитектурната готика се среќава и во оформувањето на некои приватни куќи и производствени објекти. За да се разгледаат ремек-делата во готски стил во престолнината може да се направи одделна прошетка низ Москва.
Ул. Малаја Грузинскаја, бр. 27/13, www.catedra.ru
До моментот на изградбата на римско-католичкиот собор на Непорочното зачнување на Дева Марија, најголемиот католички собор во Русија, во Москва веќе постоеле два католички храма. Во 1894 година московскиот губернатор великиот кнез Сергеј Александрович ја одобрил изградбата на храмот под следниов услов: новиот храм треба да биде изграден подалеку од центарот на градот, без кули и надворешни скулптури. Впрочем, проектот за трикорабен собор на Мала Грузинскаја на архитектот Фома Богданович-Дворжецки бил одобрен, без оглед на богатиот надворешен декор.
Соборот бил изграден во првата декада од 20 век. Како урнек за фасадата послужил Вестминстерската катедрала. Работите во внатрешноста на храмот траеле до 1917 година.
Во 1938 година, за време на советската кампања за ликвидација на религијата, сиот црковен имот на соборот бил конфискуван, а внатрешниот простор бил поделен на четири ката на кои се наоѓал интернат. Подоцна, во 1956 година во храмот бил сместен Научно-истражувачкиот институт „Мосспецпромпроект“, при што била направено уште порадикално реновирање на зградата.
Првата богослужба по 60-годишниот прекин, била одржана во 1990 година и тоа на скалите на соборот. Постојаните богослужби почнаа да се одржуваат една година подоцна, но дури во 1996 година храмот беше целосно предаден на Католичката Црква. Тогаш започнаа реставрациските работи, со кои соборот требаше да го добие својот првичен изглед, кои завршија во 1999 година.
Вратите на соборот се отворени за сите посетители, затоа може да не се ограничувате само на разгледување на неговиот надворешен изглед, туку и да присуствувате на богослужби, кои се одвиваат на неколку јазика, меѓу кои на англиски, француски, шпански, корејски и на виетнамски. Освен тоа, секоја година во соборот се одржуваат повеќе од сто концерти на духовна и на класична музика. Билетите за кој било концерт можат да се резервираат и преку Интернет (за жал, само на руски јазик) или да се купат еден час пред почетокот на концертот на касата на соборот.
Ул. Спиридоновка, бр. 17
За раскошниот живот на Сава Морозов, еден од најпознатите мецени од родот на богатите индустријалци Морозови, низ Москва се слушаа разни легенди. Голема улога за ширењето на оваа негова слава игра и неговата куќа на улица Спиридоновка, стилизирана како готски замок.
Морозов, кој во младоста студирал хемија на универзитетот Кембриџ, бил маѓепсан од англиската готика. Тој во младиот архитект Фјодор Шехетељ, кој бил опседнат со романтиката на Средновековието, видел свој истомисленик и му нарачал проект за куќа за својата млада сопруга Зинаида.
Изградбата траела до 1898 година. Ваквата зграда, каква што дотогаш не била видена во Москва, станала една од главните атракции на градот и на нејзиниот архитект му донела слава и професионален успех. За материјализање на своите творечки замисли Шехтељ го повикал познатиот руски уметни Михаил Врубел, кој за ентериерот на куќата го направил разнобојниот витраж „Рицар“, скулпурната група „Роберт и Бертрам“ и паноата „Утро“, „Пладне“ и „Вечер“.
Подоцна, по самоубиството на мажот, кој тешко ги преживеал револуционерните настани од 1905 година, жената на Морозов, Зинаида, ја продала куќата. Таа велела дека духот на Сава не ѝ дава да живее во таа куќа: според нејзините кажувања, навечер во кабинетот на Морозов се поместувале работи и се слушал одот на покојникот.
Куќата на Морозов влегла во историјата не само на архитектурата, туку и на литературата: се смета дека токму неа Михаил Булгаков ја опишал во една епизода од романот „Мајсторот и Маргарита“, во која хероината се претвора во вештерка и излетува низ прозорецот од првиот кат.
Сега во куќата се наоѓа Домот за приеми на Министерството за надворешни работи. Оваа зграда се користи само за приеми на највисоко ниво. Секако, на обичен човек, кој не е поврзан со високата политика, нема да му успее да влезе во неа. Порано куќата на Морозов беше на списокот за посети на Денот на музеите, но сега е целосно затворена за посетители.
Ул. Старосадска, бр.7/10
Уште еден бисер на „готската Москва“ е соборот на Свети Петар и Павле на улицата Старосадска, кој е една од двете активни лутерански цркви во градот и еден од најстарите лутерански парохии во Русија. Изградбата на соборот започнал во 1817 година со средства од кралот на Прусија Фридрих Вилхелм III и императорот Александар I. Во текот на целиот 19 век зданието неколкупати било градено: соборот се зголемувал заедно со зголемувањето на бројот на верниците што доаѓале во него. Богослужбите биле прекинати во 1936 година, а по три години во зградата на соборот било направено кино, при што бил разурнат сиот ентериер и тргнати сите шпицови.
Нова страница во историјата на соборот, како и за многу други религиозни објекти, беше отворена во 1991 година. Тогаш започнаа големи реставрациски работи на надворешниот дел од зградата, кои траеја до 2010 година. Обновувањето на деталите на историскиот ентериер трае до денешен ден. Заради тоа на концертите за органа, кои постојано се одржуваат тука, понекогаш има паузи. Кога се одржуваат концерти (Интернет-страница за резервација на билети на руски јазик: www.ticketland.ru/buildinfo/3853), цената на еден обичен билет се движи од 15 до 30 евра.
Ул. Петровка, бр. 2
Да го споите разгледувањето на готската архитектура со шопинг можете во Централната Стоковна Куќа, една од најпознатите градби во Москва.
Зградата на седум ката на аголот на Петровка и Театарскиот плоштад била изградена во 1908 година од страна на трговците Ендрју Мур и Арчибалд Мерилис специјално за нивната продавница „Мур и Мерилис“. Користењето на готскиот стил, меѓу другото, имало и рекламна цел: големата стоковна куќа не само што се одделувала од зградите со класична архитектура што ја опкружувале, туку посетителите и ја запомниле.
При изградбата на Централната Стоковна Куќа за првпат во Русија бил користен армиран бетон. Новите конструкциски решенија дозволиле за сметка на тенките ѕидови значително да се зголеми просторот за тргување, а лесните метални рамки давале убаво осветлување на продавницата.
За сета своја историја Централната Стоковна Куќа никогаш не ја менувала својата намена: трговијата во зградата не престанала дури ни за времето на Втората светска војна. Денес Централната Стоковна Куќа е едно од главните центри на модата во престолнината. Тука се претставени повеќе од 1000 брендови облека, парфеми и накит.
Ул. Вознесенска, бр. 8/2
Првата англиканска камбанарија во престолнината била изградена дури во 1827 година. Во 1884 година на нејзиното место архитектот Ричард Нил Фримен изгради еднокорабна црква од тула, која до денешен ден се наоѓа на Вознесенската улица. На инсистирање на Шкотите, кои во тоа време биле најпочитувани и најбогати членови на британската заедница во Москва, новата црква била осветена во чест на светиот апостол Андреј, светиот покровител на Шкотска.
За време на Октомвриската револуција болшевиците, обидувајќи се да го запрат напредувањето на Времената влада во Москва, на кулата поставиле митралез. По револуцијата црквата ја доживеала судбината на сите религиозни објекти: таа почнала да се користи како склад и како интернат, а од 1960 година во црквата било сместено студиото „Мелодија“. Одобрение за повторна богослужба било добиено дури во 1991 година.
Богослужбите во црквата се одвиваат само на англиски јазик. Секој четврток и секоја недела тука се организираат добротворни концерти на оргули, што може да ги посети секој што сака. Но, иако оргулите по кои била позната оваа црква до револуцијата, не ја преживеале советската епоха, сепак местото ја задржало својата уникатна акустика, кои е ценета од солистите на Филхармонијата и на Бољшој театарот, кои настапуваат пред парохијците и пред гостите на црквата во придружба на електрични оргули (билети на англиски јазик може да се резервираат на: www.standrewsmoscow.org).
Фотографии: РИА Новости, ИТАР-ТАСС, Lori/Legion Media, Alamy/Legion Media.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче