Кој ќе ја отвори и кој ќе ја затвори Олимпијадата во Сочи

Извор: Евгениј Захаров / Lori

Извор: Евгениј Захаров / Lori

Публиката од целиот свет на четирите главни настани на Олимпијадата во Сочи ќе ги види алтистот Јуриј Башмет, балерината Улјанова, диригентот Валериј Гергиев и пијанистот Денис Мацуев.

Министерството за култура на Русија објави конкурс за организација на церемонијата на отворањето и на затворањето на Олимписките и на Параолимписките игри во Сочи. На церемониите е планирано да земат учество 1.069 лица. Меѓу нив има четири диригенти, три солисти-вокалисти, шест уметници од балетот, еден пијанист или виолинист, оркестар, хор, циркуски уметници и други. Иако Министерството за култура  треба да го прогласи победникот дури на 13 декември, учесниците на сите церемонии се одамна определени, зашто уметниците што сакаат да ги поканат, својот распоред го прават на почетокот на сезоната. Тука не може да има нешто неочекувано.

Сите учесници потпишале документ дека нема да откриваат детали.

Според нашите информации, во креирањето на програмата се вклучени и британски специјалисти, авторите на шоуто „Остров на чудесата“, кое беше изведено на отворањето на Олимписките игри во Лондон. Сите учесници потпишале документ дека нема да откриваат детали, но, сепак, успеавме да дознаеме кого ќе види светската публика на четирите главни настани на Игрите во Сочи.

Како прво, тука се двете големи ѕвезди – алтистот и диригент Јуриј Башмет и диригентот Валериј Гергиев. Уште пред почетокот на Олимписките игри-2014 тие двајцата ќе се сретнат на Меѓународниот зимски фестивал на уметноста, кој во Сочи го организира токму Јуриј Башмет. Фестивалот ќе се отвори во Сочи наспроти почетокот на Олимпијадата 2014 и ќе влезе во културната програма на натпреварувањето. Исто така, за време на Олимписките игри ќе биде организиран настап на првиот Серуски младински оркестар под раководство на Јуриј Башмет.

Валериј Гергиев фактички го потврди своето појавување на Олимпијадата уште во септември, на заседанието на президиумот на Серуската хорска асоцијација со кое заседаваше токму тој. Тогаш, всушност, беше споменат настапот на церемонијата на отворањето на детскиот хор под негово раководство – во септември во сите региони на Русија започна кастинг за олимпискиот детски хор, кој треба да брои илјада члена.

Директорот на Големиот московски циркус на авенијата Вернадски, Едгард Запашни, веќе знае дека на церемонијата на отворањето ќе учествуваат исклучиво руски циркуски уметници.

Своето активно учество во културниот живот на Олимпијадата  го потврди и познатиот пијанист Денис Мацуев: „Секако дека ќе учествувам на Олимпијадата, но на кој начин, не можам да ви откријам. Секако повеќепати ќе свирам таму на клавир и ќе навивам за нашите спортисти на трибините“. Директорот на Големиот московски циркус на авенијата Вернадски, Едгард Запашни, веќе знае дека на церемонијата на отворањето ќе учествуваат исклучиво руски циркуски уметници: „Многу сум среќен поради тоа. Не ми се допаѓаше тоа што на Универзијадата во Казањ работеше Cirque du Soleil. Кога Русите прават нешто, тоа треба да биде направено со руски сили. Во многу работи, особено во циркусот и во балетот, ние можеме да диктираме кој е најсилен на планетава“, уверен е Запашни.

Од уметниците на балетот кои ќе ја претставуваат Русија, според информациите од Известија, учество ќе земе балерината на Мариинскиот театар Улјана Лопаткина, која исто така настапуваше во културната програма на Олимпијадата во Ванкувер. Наталија Нојман генералниот менаџер на оперската примадона Марија Гулегина исто така изјави дека не може да открива информации. Но, таа потврди дека Марија Гулегина задолжително ќе дојде на отворањето на Параолимписките игри, бидејќи таа е почесен член на Меѓународниот олимписки комитет. 

За сите четири церемонии Министерството за култура издвои 40 милиони и 50 илјади рубли (околу 1.250.000 американски долари). Очигледно дека оваа сума е пресметана без хонорарите: уметниците од висок ранг имаат и високи барања. Церемонијата на отворањето на XXII Олимписки зимски игри во Сочи ќе се одржи на олимпискиот стадион „Фишт“ на 7 февруари 2014 година. Познато е дека на трите сцени гледачите ќе можат да ги видат хероите од руските сказни, руската тројка од „Мртви души“ на Гогољ, Петар Први на чело на флотата од пет брода. Од императорска Русија гледачите ќе бидат пренесени во дваесеттиот век. На стадионот ќе се појават 15 зданија, шест локомотиви, шест моста и скулптури. Отворањето ќе заврши со палењето на олимпискиот оган. Олимписките игри ќе се затворат на 23 февруари. Церемонијата на отворање и на затворање на XI Параолимписки зимски игри ќе се одржи на 7, односно на 16 март 2014 година. 

Рускиот текст на сајтот на Известија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.