Радарските системи „Млечен пат“ ќе бидат поставени во Русија и во странство

Виктор Лисицин/Global Look Press
Системот „Млечен пат“, кој се развива во Русија, ќе ги опфаќа радарските станици во Русија, но и во други земји, изјави Григориј Ступак, генерален конструктор на Автоматизираниот систем за предупредување за опасни ситуации во вселенскиот простор околу Земјата (АСПОС ОКП).

Планирано е во рамките на проектот„Млечен пат да се направат и постават специјализирани радарски станици, и тоа не само на територијата на Русија, туку и во странство“, изјави Ступак, цитиран од агенцијата ТАСС.

Според генералниот конструктор, дури и копнениот сегмент на „Млечниот пат“ ќе има оптоелектронски и радиотехнички средства.

Се разгледуваат варијанти за ангажирање средства од различни институти на Руската академија на науките, меѓу другото и на опсерваторијата на Институтот за применета астрономија на Руската академија на науките (ИПА РАН).

„Орбиталната структура на групата вселенски апарати за мониторинг на вселенскиот простор околу Земјата и нивниот број, како и параметрите на орбитите и стандардите на апаратите и копнените системи - сето тоа ќе биде дефинирано во рамките на планираната научноистражувачка работа“, изјави Ступак. Според генералниот конструктор на АСПОС ОКП, во орбитата ќе бидат лансирани апарати опремени со оптоелектронски системи за мониторинг на вселенскиот простор околу Земјата.

„Млечниот пат“ ќе детектира опасни небесни тела оддалечени околу 30 милиони километри, нагласи Ступак.

„Во плановите за создавање на перспективниот систем „Млечен пат“ се предвидуваат развој и интеграција на специјализирани средства за детектирање и мониторинг на опасните небесни тела оддалечени од Земјата околу 30 милиони километри, и конкретно за рано откривање на астероиди кои се приближуваат до Земјата од правец на Сонцето“, истакна тој.

Ступак потсети дека опасноста од астероиди и комети претставува глобален проблем на целото човештво и како пример го наведе астероидот 2020 VT4, кој на 13 ноември 2020 година „незабележано“ се приближи до површината на Земјата на растојание помало од 400 километри. Тоа „укажува на недостатоците на постојните светски системи и средства за детектирање на опасни небесни тела, за нивно следење, дефинирање на нивните својства и проценка на потенцијалната опасност“, вели генералниот конструктор на АСПОС ОКП.

Обновениот руски автоматизиран систем за предупредување за опасни ситуации во вселенскиот простор околу Земјата ќе го добие називот „Млечен пат“. Ќе има 65 телескопи и вселенски сегмент.

Претходно Александар Блошенко, извршен директор за перспективни програми и наука во државната корпорација „Роскосмос“, во мај 2021 година изјави дека вселенскиот сегмент ќе опфаќа група специјализирани сателити за мониторинг на просторот околу Земјата. Планирано е првиот таков сателит да биде лансиран во 2027 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња