С-500
Информативна служба на Министерството за одбрана на РФ/TASSКомплексот за противвоздухопловна одбрана С-550 ќе има поголем радиус на детекција на цели и ефективен дострел на ракетите. Како што изјави првиот човек на државната корпорација „Ростех“ Сергеј Чемезов, кој во моментов се наоѓа со својата делегација на Меѓународниот воздухопловно-технички саем Dubai Airshow 2021, овој систем ќе може да пресретне секаква цел.
Според него, дострелот, кога станува збор за неговата детекција на цели, како и далечината/висината до која ќе можат да стигнат ракетите, и понатаму се подобруваат и се чини дека на тој план има уште многу простор за напредување. Неодамна можеше да се слушне информација дека првите системи С-550 ќе влезат во вооружувањето на руската армија во 2025 година.
Претпоставката е дека се работи за натамошна еволуција на најновиот ПВО/ПРО систем С-500 „Прометеј“, кој нема да има пандан во светот кога станува збор за борба со цел спектар на воздушни цели, вклучувајќи и објекти што летаат со хиперсонични брзини.
ПВО/ПРО С-500 „Прометеј“ ќе може да се бори против комплетниот спектар на воздушно оружје, вклучувајќи хиперсонични летечки објекти и боеви блокови на интерконтинентални балистички ракети. Основната „противавионска“ ракета што ќе ја користи системот С-500 ќе биде 40Н6. Таа ќе може да соборува цели на оддалеченост и до 400 километри. Оваа ракета веќе се наоѓа во арсеналот на системот С-400 како негово врвно оружје. За пресретнување балистички цели и хиперсонични летечки објекти се развива семејството ракети 77Н6. Овие ракети треба да ги заменат постарите модели 9М82 кои се наоѓаат во арсеналот на системот С-300В.
Се смета дека „Прометеј“ ќе може да оствари ефективен хоризонтален дострел и до 600 км, додека висината на пресретнување на воздушните цели ќе биде драматично зголемена во споредба со претходникот С-400. Имено, новите типови ракети ќе овозможат борба со непријателските цели кои се наоѓаат во поблиската вселена. Новите можности на системот С-500 „Прометеј“ не ја исклучуваат можноста за соборување извидувачки сателити кои се движат во ниската орбита на Земјата.
Според првиот човек на државната корпорација „Ростех“ Сергеј Чемезов, фабричките испитувања на ПВО/ПРО-системот С-500 „Прометеј“ се завршени и веќе годинава првите дивизиони со ова, судејќи според сé, супериорно оружје може да влезат во вооружувањето на руската армија. Некои извори тврдат дека перспективниот противвоздухопловен и противракетен систем С-500 „Прометеј“ ќе се произведува во две варијанти - мобилна (самоодна) и влечна.
Во секој случај, се работи за еден од најенигматичните проекти на руската воена индустрија. Неговите официјални тактичко-технички карактеристики сè уште не се објавени никаде и секоја приказна за неговите основни показатели (дострелот на ракетите во далечина и висина, карактеристиките на радарско-набљудувачките и нишанските радари и сл.) сè уште претставува обична шпекулација.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче