Руските конструктори работат на противбродска хиперсонична ракета „Личинка-МД“

MOD Russia/via Globallookpress.com
Според неименувани извори од рускиот военоиндустриски комплекс, „Личинка-МД“ ќе може да лета 5 пати побрзо од брзината на звукот. Нејзините димензии ќе овозможат таа да се закачи во внатрешниот отсек на повеќенаменскиот ловец Су-57, така што леталото ќе го задржи високиот степен на радарска невидливост додека ја носи. Некои руски експерти сметаат дека новата ракета ќе ја замени суперсоничната противбродска ракета Х-31.

Руските конструктори работат на хиперсонична ракета која е наменета за вооружување на повеќенаменскиот авион-ловец од петтата генерација Су-57. Целиот проект се изведува под кодното име „Личинка-МД“. Идната ракета ќе може да достигне брзина на крстосување 5 пати поголема од брзината на звукот. Зборовите на неименуван извор од рускиот военоиндустриски комплекс ги пренесува веб-порталот „Лента.ру“.

Според информациите што ги соопшти соговорникот на рускиот портал, пред две години е започната втората фаза од експериментално-конструкторската работа над новата хиперсонична ракета со воздушно базирање „Личинка-МД“. Перспективната ракета ја развива тим ракетни инженери на корпорацијата АД „Тактичко ракетно вооружување“ (АО Тактическое ракетное вооружение (КТРВ). Проектилот има ракетен мотор „Изделие 70“. Развиен е од специјализираната научно-истражувачка компанија АД „Тураевско машиноградбено конструкторско биро „Сојуз“ (АО „Тураевское машиностроительное конструкторское бюро „Союз“). Се работи за ракетен набојно-млазен мотор кој е во фаза на интензивно тестирање.

И други извори потврдија дека рускиот военоиндустриски комплекс работи на перспективна ракета што ќе се наоѓа во арсеналот на ловецот Су-57. Конструкторите во моментов вршат тестирања на земја каде што се анализира фазата на лансирање со помош на верни макети. Претпоставката е дека ракетата ќе има такви димензии што ќе може да се смести во внатрешните отсеци за вооружување на ловецот Су-57.

Воениот експерт Дмитриј Корнев смета дека новата ракета ќе ја замени противбродската суперсонична ракета Х-31. Тој смета дека „Личинка-МД“ во однос на своите тактичко-технички перформанси ќе спаѓа во ракетите со краток дострел.

Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација што го имаат развиени воздухопловните инженери на ОКБ „Сухој“. Тој е наменет за извршување огромен спектар задачи што можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа, како што е остварување на апсолутна воздушна превласт над територијата на која се изведуваат кривни борбени дејствија, уништување на најразлични копнени цели и површински бродови кои се зајакнати со современи противвоздушни борбени средства, операции за извидување и за надзор на воздушниот простор на голема оддалеченост, уништување на командна инфраструктура на непријателот итн.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња