„Армија 2021“: Русите го претставија командното возило „Атлет“ со комплекс „Планшет-М-ИР“

Слободан Ѓукиќ
Неговата основна намена е командување со артилериски формации опремени со влечни артилериски орудија, повеќецевни ракетни лансери и минофрлачи. Една од важните карактеристики на овој систем е способноста за содејство со беспилотни летала, пред сé со извидувачки, кои во реално време ги испраќаат координатите за детектираните позиции на непријателот. „Планшет-М-ИР“ е способен во краток временски рок да ги обработи сите податоци и преку кодирани системи за врска да ги проследи до огнените единици.

На Меѓународниот военотехнички саем „Армија 2021“, беше претставена варијанта на новиот оклопен автомобил АБШ-2 „Атлет“ која е опремен со автоматизиран систем за управување со оган „Планшет-М-ИР“ за командување со артилериски единици со јачина на батерија/дивизион.

 

Конкретно, станува збор за модернизираниот комплекс „Планшет-М-ИР“ кој е предвиден за инсталирање на мобилна платформа, во овој случај, оклопниот автомобил „Атлет“. Неговата основна намена е командување со артилериски формации опремени со влечни артилериски орудија, повеќецевни ракетни лансери и минофрлачи. Меѓутоа, што се однесува до модернизираната верзија на овој комплекс, тој е во состојба да управува со сите огнени средства кои имаат свој автоматизиран систем за управување со огнот од типот АСУНО, кој исто така е развиен од истата компанија (ВНИИ „Сигнал“). На овој начин, со помош на комплексот „Планшет-М-ИР“, можно е да се управува со артилериски системи кои штотуку влегоа во вооружувањето на руската армија, во комбинација со средства кои одамна се наоѓаат во оперативна употреба.

Исто така, една од важните карактеристики на овој систем е способноста за содејство со беспилотни летала, пред сé со извидувачки, кои во реално време ги испраќаат координатите за детектираните позиции на непријателот. „Планшет-М-ИР“ има способност во краток временски рок да ги обработи сите податоци и преку кодирани системи за врска (овој систем е опремен со радио-уреди од 6 генерација) да ги проследи до огнените единици кои во тој момент имаат најголеми шанси да ја уништат зададената цел.

Што се однесува до оклопната платформа, избрана е новата генерација оклопни автомобили со ознака „Атлет“ (меѓу експертите се нарекува и „Тигар Next“ или „Тигар-2“). Ова возило треба да ги замени оклопните автомобили „Тигар“, кои масовно се користат во единиците на руската армија.

Кај новиот оклопен автомобил „Атлет“ се подобрени практично сите карактеристики во однос на моделот „Тигар/Тигар-М“. Пред сѐ, треба да се нагласи дека новото возило е направено врз база на искуството од борбената употреба на оклопните автомобили од семејството „Тигар“ во Сириската Арапска Република.На пример, во однос на својот претходник „Атлет“ има посилна противминска заштита. Ова возило може под своите тркала да издржи експлозија на противтенковска мина или на импровизирана експлозивна направа еквивалентна на 6 кг ТНТ.

Неговата вкупна маса ќе изнесува девет тони. Во зависност од типот на модификација на возилото, новиот оклопен автомобил ќе може да пренесе 2-8 војници со полна воена опрема. Моторот ќе генерира сила од 240 коњски сили, а во перспектива се планира да се вгради уште помоќен погон. Максималната брзина на ова возило нема да биде помала од 120 км/час. Со полн резервоар „Атлет“, ќе може да помине растојание од 1000 км.

Во согласност со желбите на клиентот, на „Атлет“ ќе може да се интегрираат разни видови вооружување, вклучително и далечински управувани борбени куполи. Како и неговата претходна верзија, новото оклопно возило ќе биде универзална модуларна платформа за различно вооружување и борбени системи.

Според неговите тактичко-технички карактеристики, новиот руски оклопен автомобил ги задоволува највисоките светски стандарди кога станува збор за возила од оваа категорија и не отстапува во однос на странската конкуренција. Ова возило има широка перспектива за примена во единиците на руската армија, но и во другите безбедносни структури на Руската Федерација. Голем интерес за набавка изразија и бројни странски држави.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња