„Објект 150“: Како СССР го направи единствениот ракетен тенк на светот

Ракетен тенк ИТ-1.

Ракетен тенк ИТ-1.

Vitaly V. Kuzmin/www.vitalykuzmin.net
Во периодот од 1960 до 1972 година на полигонот Кубинка многу интензивно се тестираше домашна и странска оклопна техника.

Почетокот на шеесеттите години од минатиот век не беше најпогодно време за хармоничен развој на Вооружените сили на Советскиот Сојуз, бидејќи Никита Хрушчов беше опседнат со ракети, па затоа беа потиснати многу други насоки за развој на воената техника. Тоа, меѓу другото, се однесуваше и на артилеријата, па дури и на тенковите.

На конструкторите им беше наложено да направат тенк вооружен исклучиво со ракети, а треба да се има предвид дека на почетокот на 1960-тите Русија немаше квалитетно наведувано ракетно оружје. Па сепак, беа направени и тестирани неколку модели на ракетни тенкови врз база на Т-60 и Т-64. Се покажа дека оптимална варијанта е „Објект 150“ врз база на тенкот Т-62. Тој дури му беше покажан и на генералниот секретар Хрушчов, кој ја посети Кубинка во септември 1964 година, непосредно пред да биде сменет од сите функции. Таа демонстрација претставуваше триумф на „Објект 150“, но за малку трагично ќе се одразеше на целата тенковска индустрија.

Тогаш во движење беа истрелани три ракети и на далечина од 3000 метри погодија и уништија три тенка кои служеа како цели и кои исто така беа во движење. Веднаш следниот ден Хрушчов изјави дека „вчера видов како ефикасно се уништуваат тенкови од голема далечина и затоа не ни требаат тенкови кога имаме такви противтенковски ракети“.

По деталните компаративни тестирања 1967 година беше препорачано „Објектот 150“ да стане дел од арсеналот со ознака ИТ-1 (истребувач на тенкови), па дури и со заканувачкото име „Дракон“ (Змеј). Машината беше во сериско производство од 1968 до 1970 година. Беа направени вкупно 110 примероци. Тенкот имаше систем за наведување на ракетите со помош на радиоврска и можеше да гаѓа од место или во движење на растојание од 300 до 3000 метри дење и од 1000 до 1500 метри ноќе.

ИТ-1 е првиот и единствен тенк во светот што е вклучен во воениот арсенал, иако како муниција користи само ракети.

Треба да се истакне дека во текот на 1960-тите многу интензивно се тестираа карактеристиките на борбените машини во сите климатски и природни зони на СССР. Денешните тенкисти во однос на тоа прашање можат само да им завидуваат на своите претходници.

Во научно-истражучките работи и тестирања во тие години, најголемо внимание беше посветено на тенкот Т-64, кој го конструираше легендарниот Александар Морозов. Тоа беше тенк од сосема новата, втора генерација повоени машини и беше револуционеерн во сè. Веројатно поради тоа и тестирањето се вршеше со многу тешкотии и со откажување на скоро сите системи и погонски агрегати, пред сé на моторот, трансмисијата и механизмите што овозможуваат движење.

Тој модел Т-64 не беше ни усовршен за да биде прифатлив, па затоа беа стартувани други проекти, денес познати како Т-72 и Т-80. Како и да е, токму на тенкот Т-64 за првпат се реализираа техничките идеи кои подоцна беа искористени и кај моделите Т-72, ​​Т-80 и Т-90.

Тогаш беше направен и сеопфатно тестиран првиот трислоен комбиниран оклоп на светот, кој значително ја зајакна заштитата на тенкот, а беше поставена и заштита од радијација од надворешната и внатрешната страна на куполата на тенкот. Таа истовремено ефикасно го штитеше екипажот и од шрапнели во случај проектилот да го пробие оклопот.

За тенкот Т-64А беше направен првиот наведуван активно-реактивен проектил „Кобра“, врз основа на кој подоцна беше создадено и поефикасното наведувано ракетно оружје за моделите Т-72 и Т-80.

Исто така, треба да се спомене и двотактниот боксер-мотор со пет цилиндри 5ТДФ. Од повеќе причини, подоцна не се правеше во поголем број, но неговите карактеристики беа и останаа исклучителни. Овој тенковски дизелаш генерираше моќност од 700 коњски сили (со тоа што цилиндрите на 5ТДФ имаат запремнина од само 13,6 литри). Тоа се и денеска исклучителни показатели, а во 1955 година таквото нешто беше фантастично.

За тестирање на моторот 5ТДФ во Кубинка беа направени специјални штандови каде што се тестираше моторот со максимален број на вртежи. Меѓутоа, се покажа дека моторот има повеќе недостатоци отколку предности, а тие недостатоци беа првенствено поврзани со технологијата и културата на сериско производство на мотори.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња