Компанијата „Сухој“ започна да работи над едномоторен лесен авион-ловец од петтата генерација, соопштува веб-порталот РИА „Новости“, врз основа на информациите добиени од неименуван извор од рускиот военоиндустриски комплекс.
Според соговорникот, се работи за летало кое ќе има маса од 18 тони. Ќе се карактеризира со мала радарска рефлективност, а летечко-техничките параметри ќе му овозможат достигнување високи надзвучни брзини (над 2 Маха). Изворот понатаму додаде дека вака конципираниот авион ќе има исклучителни маневарски способности, вклучувајќи и значителни подобрувања во однос на полетувањето и слетувањето на леталото благодарение на подвижните млазници на моторот (управлив вектор на потисок), но и на самата негова моќност која ќе биде исклучителна. Понатаму тој нагласи дека перспективниот ловец од петтата генерација ќе има преден повеќережимски вшмукувач на воздух, како што тоа е реализирано кај концептите на останатите современи едномоторни борбени авиони што можат да се видат во светот.
Се претпоставува дека новото летало ќе биде опремено со верзија на моторот од нова генерација „изделие 30“ кој се прави за потребите на комплетирањето на повеќенаменскиот авион-ловец од петтата генерација Су-57. Овој мотор ќе му овозможи на леталото да достигне надзвучна брзина на летот во режим на суперкрстосување (нема потреба од дополнително согорување на горивото, што го зголемува одразот на авионот).
Во декември минатата година генералниот директор на државната корпорација „Ростех“ Сергеј Чемезов истакна дека се работи „на создавање борбен воздухопловен систем на иднината во лесна и средна категорија“ кој може да биде универзална платформа, со екипаж или без екипаж (беспилотна варијанта)“.
Во април оваа година водечките луѓе од Обединетата воздухопловна корпорација ОАК соопштија дека започнале да работат над нова борбена платформа за потребите на оперативно-тактичката авијација, врз основа на која се планира развој на лесен ловец.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче