Претседателот на организацијата „Американци за безбедноста на Израел“ Марк Лангфан дојде до заклучок дека наведувачката противтенковска ракета „Корнет“ од руско производство може да претставува опасност за американските носачи на авиони. Според него, овој систем е опасен од причина што може да се постави на платформа на помало пловило.
Меѓутоа, воениот аналитичар на американскиот Интернет-портал „Нешионал интерест“ Чарли Гао оваа изјава ја оцени како мошне површна и се обиде и самиот да ја анализира целокупната ситуација во која хипотетички, еден наспроти друг, би се нашле ракетниот комплекс „Корнет“ и американски носач на авиони. Експертот во првиот дел од својот текст констатира дека Марк Лангфан анализира ситуација која би се случила во таканаречен „вакуум“, зашто во евентуален воен судир помеѓу САД и Иран едно вакво стратешко пловило во прстени би обезбедувало многу разорувачи и патролни бродови. Оваа флота за обезбедување меѓу другото е наменета за борба со брзи чамци, на кои е технички можно да се постават лансери со ракети „Корнет“. Покрај тоа, и самиот носач на авиони на својата палуба носи значително количество ловци-бомбардери кои исто така можат да се користат за прецизни напади на подвижни цели на тркала на непријателот, кои се движат на површината на водата, се наведува во текстот што го пренесе рускиот Интернет-портал РГ.
Доколку, пак, се создаде незамислива ситуација, па и покрај сè чамецот опремен со ракетите „Корнет“ успее некако да се провлече низ ешалонираната одбранбена зона на нуклеарниот носач на авиони, посадата вооружена со овој систем ќе се соочи со сериозни проблеми. „Доколку лансирната единица се постави на стандарден троножец овој напад ќе биде неуспешен. Обичниот сталак кој со помош на трипод се потпира на земјата е наменет за дејство од фиксна површина – од земја, а не од платформа која се ниша и која е нестабилна. Ова би условило нерешливи проблеми за нишанџијата кој управува со овој систем“. Покрај тоа, носачите на авиони се вооружени со голем број ракети и артилериски системи за блиска одбрана како што се ротацискиот топ Phalanx CIWS или ракетите RIM-116 Rolling Airframe Missile.
Меѓутоа, што би се случило доколку ракетата сепак погоди носач на авиони? Експертот е сигурен дека силната кумулативна боева глава која се наоѓа на ракетата може без никакви проблеми да ја пробие оплатата на бродот. Меѓутоа, кумулативниот млаз кој се создава за време на нејзината детонација не е доволно фокусиран да нанесе поголема штета на едно вакво џиновски пловило. Американскиот експерт потсетува дека кумулативниот млаз кој продира низ оклопната плоча може да го уништи екипажот во тенкот или неговите критично важни леснозапаливи компоненти. Меѓутоа, на бродот сето тоа е поинаку. Нападот на ракетите „Корнет“ ќе доведе до уништување на дел од бродскиот екипаж, но на мала површина на бродот. Кумулативниот млаз кој се создава за време на експлозијата на противтенковската ракета е мошне тесен и значително помал од димензиите на самиот проектил. Екипажите на олку големи бродови за стратешка намена се оспособени да се фатат во костец со мошне поголеми оштетувања, поточно кратери на оплатата на пловилото кои би ги направиле противбродски ракети или торпеда. На пример голем број противбродски ракети поседуваат толку силна боева глава која може да разнесе комплетни секции тешки илјадници тони од кои е изграден бродот и да нанесат фатална штета. Од друга страна, ракетата од типот „Корнет“ не може да продре длабоко во корпусот на бродот, и најмногу што може да направи е да убие неколку члена на екипажот. Во целина, бродот во таков случај би претрпел симболични оштетувања.
Во својот текст Лангфан додава дека ракетите „Корнет“ во своето вооружување имаат и верзија вооружена со термобарична боева глава. Меѓутоа, конкретно оваа ракета има мошне мала пробојност. Постои минимална веројатност дека ракетата „корнет“ која е опремена со термобаричен тип боева глава би го пробила трупот на бродот. Сепак, определена штета сигурно би била нанесена.
Значи, противтенковската ракета „Корнет“ која би била поставена на брзите чамци или на слични средства со цел ненадеен напад на бродови со голем депласман како што е носач на авион, не би претставувала голема опасност заклучува авторот на американскиот сајт „Нешионал интерест“ Чарли Гао.
Преносниот ракетен систем „Корнет“ првенствено се употребува против оклопни борбени средства, како и против непријателски утврдени точки. Благодарение на моќната ракета со калибар 152 мм, безброј пати е докажано дека се работи за исклучително опасно оружје за најсовремените основни борбени тенкови кои во моментов се користат во светот.
Основната одлика на овој систем е наведувањето со помош на ласерски сноп. Благодарение на ваквиот тип на наведување на ракетата, таа добива карактеристики на високопрецизно оружје. Имено, оваа ракета како снајпер може да погоди непријателска цел на далечини и до 5500 метри. Нејзиното отклонување од траекторијата на максимален дострел е безначајно и изнесува само 0,3 метри.
Ракетата 9М133 е долга 1200 мм, а максималниот распон на нејзините крила изнесува 460 мм. Нејзината тежина изнесува 26 кг од кои на боевата глава отпаѓаат 7 кг. Спакувана е во херметички затворен транспортно-лансирен контејнер. Според техничките спецификации, ракетата 9М133 опремена со тандем-кумулативна боева глава може да пробие околу 1200 мм хомоген оклоп заштитен со динамична заштита. Исто така, овој тип на ракета може да пробие армирано-бетонски ѕид со дебелина од 3000 мм, што ја прави исклучително корисна во борба против жива непријателска сила која се наоѓа во силни утврдувања.
Се истрелува од преносен уред за лансирање 9П163М-1, кој е опремен со триножник. Оптоелектронскиот уред 1ПН-79 „Метис-2“ исто така се наоѓа во склоп на овој уред. Системот го опслужуваат два војника.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче