Малиот ракетен брод од класата 22800 „Павловск“ почна да се гради во Амурската бродоградежна компанија за потребите на руската Тихоокеанска флота, пренесува директно новинарот на информативната агенција „Интерфакс“.
„Ние пристапивме кон многу сериозна работа, кога е во прашање изградбата на четвртиот брод од оваа класа. Се работи за пловила од нова генерација кои ќе ни дадат способности ефикасно да ја браниме нашата татковина“, рече на церемонијата за почеток на изградбата на малиот ракетен брод од класата 22800 заменик-командантот на Тихоокеанската флота Денис Березовски.
Притоа тој рече дека производството на Амурската бродоградежна компанија во целост ги задоволува потребите на оперативно-стратешкиот поморски борбен состав на руската армија, како што е Тихоокеанската флота.
„Две ракетни корвети кои се изградени во оваа фабрика во овој момент реализираат многу сериозна воена мисија која веќе три месеци непрекинато се одвива на отворено море“, рече притоа Березовски и додаде дека овие бродови со голем успех ги исполнуваат сите поставени задачи.
Амурската бродоградежна компанија во овој момент гради уште три мали ракетни бродови од класата „Каракурт“ – „Удомља“, „Ржев“ и „Усуријск“.
Руските експерти го делат своето мислење дека новите воени бродови од класата 22800 „Каракурт“ претставуваат големо засилување за руската Воена морнарица. Во овој момент само за потребите на Црноморската флота се градат дури шест мали ракетни бродови од оваа класа: „Козељск“, „Охотск“, „Вихр“, „Циклон“, „Аскољд“ и „Амур“.
Благодарение на ракетниот комплекс „Калибар“ овие бродови се во состојба да ги погодат клучните копнени цели на непријателот на големи далечини, како и површински воени бродови. Во перспектива ракетниот арсенал на овие бродови може да се прошири и со додавање на хиперсоничната ракета „Циркон“, која благодарение на своите брзински квалитети не може да биде соборена со оперативните капацитети на ПРО.
Според информациите на производителот (бродоградежната компанија ЦМКБ „Алмаз“ (Санкт Петербург), вкупниот депласман на малите ракетни бродови од класата „Каракурт“ ќе биде во распон од 860-900 тони. Неговата должина ќе изнесува 67 метри, а ширината 11 метри. Максималната брзина ќе достигнува 30-35 јазли (55,5—64,8 км/ч), автономноста на море ќе биде 15 дена, далечината на пловидба 2500-2800 наутички милји (4023-4506 км). Екипажот ќе го сочинуваат 39 поморски офицери и морнари.
Покрај крстосувачките ракети „Калибар“, малите ракетни бродови од класата 22800 „Каракурт“ ќе го имаат бродскиот универзален артилериски систем К-175МС и ПВО ракетен комплекс со краток дострел, но со импресивна огнена моќ „Панцир-М“ (бродската варијанта). Развиен во тулскиот КБП кој се наоѓа во состав на корпорацијата „Ростех“, поморскиот комплекс „Панцир-М“ заедно со своите претходници „Каштан“ и „Каштан-М“ претставува единствено оружје од ваков тип кое во својата оклопна капсула обединува топовско и ракетно вооружување, а исто така има и интегрирана електро-оптичка и радарска станица со фазирана решетка (ФАР). Неговата основна намена е сигурна заштита на бродовите од напади од воздух, вклучувајќи и противбродски ракети кои имаат ниска траекторија на лет.
Бродската варијанта „Панцир-М“ со помош на своите ракети може да собори воздушни цели на далечини и до 20 км, додека вертикалниот дострел е зголемен на цели 15 км. Комплексот е опремен со вкупно 8 вакви ракети, додека во резервните борбени спремници се наоѓаат уште 32 ракети.
Накратко: Комплексот по приемот на информацијата, т.е. по откривањето на опасна цел спроведува нејзино следење и во погоден момент дејствува по неа со ракети. Притоа најчесто истрелува 2 ракети кои според техничката спецификација на производителот гарантираат уништување на која било цел во речиси 100% однос. Доколку случајно ракетите ја промашат својата цел, или по некоја причина таа го преживее нивниот погодок, на сцена стапуваат 6-цевни ротирачки топови АО-18КД со кал.30 мм кои благодарение на огромната густина на стрелбата што ја произведуваат (над 10000 гранати во минута), знаат напросто да го „смелат“ летечкиот објект во воздух. Ефективниот дострел на овие топови е 4000 м во далечина и 3000 метри во висина, додека нивниот борбен комплет се состои од 1000 гранати.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче