Зошто Советите употребиле термонуклеарно оружје за гаснење пеколен пожар?

Kira Lisitskaya (Photo: Nazar Furyk, mr6/ZUMA Press/Global Look Press)
Разорен пожар гореше речиси три години пред да биде угаснат на најневообичаен начин.

Откако Советите открија огромни резерви природен гас во Узбекистан, овој дел на СССР стана главен регион за производство на овој енергенс во земјата. Но, работите тргнаа наопаку и едно од неговите клучни гасни полиња се претвори во катастрофа од незамисливи размери што ги има направено човекот.

Пеколен пожар

Невидената вонредна состојба на гасното поле Урта-Булак се случи на 1 декември 1963 година. Откако дупчењето тргна наопаку и платформата случајно удри во резервоар со гас со ненормално висок притисок, дојде до огромно ослободување на природен гас. Опремата за дупчење беше уништена под притисокот и запалениот гас си најде излез.

Џиновски пламен висок до 70 метри бувна во воздухот. Количеството природен гас беше толку огромнo, а притисокот толку интензивен што пеколниот пожар беше невозможно да се изгасне три години и покрај многуте обиди.

Очајните советски инженери користеа повеќе начини, обидувајќи се да го изгаснат огнот што не само што потроши вредни ресурси, ами и се закануваше да ја уништи природата во близина со својот пламен. Со текот на времето подрачјата во близината на пламенот буквално се претворија во запалена земја.

„Сѐ што можеше да гори одамна веќе беше изгорено. Сега тоа беше мртво врело тло. Тука немаше место за живиот свет. Ноќе јата птици преселници и облаци инсекти, привлечени од светлината, паѓаа во овој огнен танец на смртта и, паѓајќи, гореа, често пред да стасаат до земјата“ има напишано во својот дневник геологот и раководител на акцијата за гаснење на овој пожар Камил Мангушев.

Пламенот, исто така, го попречуваше авионскиот сообраќај за екипажите што летаа кон и од Индија и југоисточна Азија.

На крајот, користејќи булдожери, околу баклата беше изграден заштитен песочен бедем, со цел некако да се ограничи нејзиното дејство на околното подрачје. Меѓутоа, ова беше само привремено решение зашто пламенот не беше изгаснат. Тогаш советските научници предложија нешто исклучително: термонуклеарна експлозија за гаснење на пожарот.

Експлозија

Со детонација на термонуклеарна бомба во близина на изворот на пламен, научниците се надеваа дека ќе го уништат преминот низ кој излегуваше пламенот.

Таканареченото „Конструкторско биро број 11“ кое се наоѓа во градот Саров во Нижегородската област имаше задача да ја спроведе ризичната мисија. Вработените во проектантското биро веќе ја проучуваа употребата на нуклеарно оружје за мирни цели. Сега дојде време да ги тестираат своите знаења во практика.

Задачата беше комплицирана со оглед на фактот што густонаселениот регионален центар Бухара, еден од најстарите и најубави градови на Узбекистан и на централна Азија во целина, беше оддалечен околу 200 километри. Другите помали градови лежеа во близина на потенцијалниот епицентар на експлозијата.

Без оглед на тоа, советските власти решија да дејствуваат. Датумот на подземната експлозија го потврди лично Брежнев: 30 септември 1966 година. До овој датум пожарот гореше веќе 1.074 дена.

На закажаниот датум, нуклеарно полнење од 30 килотони – двојно посилно од американската бомба што детонираше над Хирошима – беше испорачано низ тунел на длабочина од 1.500 метри.

Откако сѐ беше подготвено, експлозија ја потресе земјата. Огнот продолжи да гори само 22 секунди по експлозијата, пред засекогаш да згасне. Експлозијата ја помести земјината кора и го затвори гасниот бунар.

Очигледниот успех на експлозијата во Урта-Булак донесе нов метод на гаснење масивни пожари на гасните полиња. На пример, една година подоцна, со истиот метод беше изгаснат уште еден пожар на полето Памук во Узбекистан.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња