„Форбс“: Русија работи на оружје со насочена енергија

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Новиот руски проект предизвика интерес во САД. Станува збор за таканаречениот ЕМИ-топ кој генерира моќен електромагнетен сноп честички со висока енергија.

Како што пишува „Форбс“, сличен ефект се постигнува, на пример, со примена на нуклеарно оружје. Во тој случај електромагнетниот импулс е еден од убојните фактори, иако не е најопасниот.

Таканаречениот ЕМИ-топ е оружје со насочена енергија кое ги неутрализира непријателските беспилотни летала, смета авторот на статијата. Според него, попрецизно би било новитетот да се нарече микробранов топ.

Семјуел Бендет, советник во одделението за руски програми во истражувачкиот Центар за воено-поморска анализа, смета дека новиот проект е одговор на западното високотехнолошко и високопрецизно оружје. Со оглед на тоа дека ова оружје неутрализира дронови, тоа во иднина може да биде применето во војна. Исто така се наведува дека таквото оружје можат да го користат и руските беспилотни ловци од шеста генерација.

Семјуел Бендет истакнува дека ова оружје се вклопува во руските проекти во сферата на борбата против дронови, со тоа што се зема предвид и сириското искуство. Експертот нагласува дека оружјето со насочена енергија може да се користи против западните дронови кои летаат на големи висини и го набљудуваат теренот во близина на руските граници.