„Пересвет“ на гасеници: Руските конструктори интензивно работат на ласерски тенк

Слободан Ѓукиќ
Рускиот воено-индустриски комплекс работи на развој на беспилотна оклопна борбена платформа која ќе може да носи перспективни видови оружје. Во оптек се борбен ласер и електромагнетен „шински“ топ.

„Неговата концепција предвидува употреба на гасенична платформа (веројатно шасија врз база на проектот „Армата“ – заб. на прев.) која ќе биде носител на перспективни видови на вооружување со способности за управување во беспосаден режим на работа. Главната задача на првата етапа во реализацијата на овој проект е конструирање на моќен електросистем на идниот тенк кој ќе обезбеди одржливо напојување на полезниот товар“, изјави за информативната агенција „Интерфакс“ неименуван извор од рускиот воено-индустриски комплекс. Според него, место конвенционални видови вооружување, на вака конципираната платформа ќе оди борбен ласер или електромагнетен „шински“ топ.

Развојот на овие типови на перспективно вооружување не е актуелен само во Руската Федерација, туку и во другите технолошки развиени земји. Борбениот ласер „Пересвет“ веќе се наоѓа во развојно-експериментална фаза.

На почетокот на 2017 година поранешниот заменик-министер за одбрана на РФ Јуриј Борисов изјави за новинарите дека воената наука бележи сериозен напредок кога се во прашање областите на развој на ласерско и електромагнетно оружје.

Во Советскиот Сојуз беше направен експериментален модел на ласерски тенк 1К17 „Сжатие“ кој користеше платформа на самоодната хаубица „Мста-С“. Возилото беше опремено со повеќеканален ласер кој се состоеше од кристален синтетички рубин во вид на цилиндар чија тежина достигнуваше 30 килограми. Околу овој рубин беа интегрирани ксенонски гасни ламби кои го осветлуваа кристалот.

Низ цилиндричниот рубин се проектираше ласерски зрак кој можеше да ги онеспособи оптичките и електронските уреди на противничките воздухоплови и други возила, како и непријателска жива сила, затоа што можеше да предизвика трајно губење на видот. Произведени беа само два примероци на овој тенк.

Големиот број технички решенија применети кај овој систем се употребени и во реализацијата на перспективниот проект „Пересвет“.

Погледнете го видеото: Како изгледа и работи борбениот ласерски систем „Пересвет“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња