Рускиот основен борбен тенк од четврта генерација Т-14 „Армата“, но и новите борбени оклопни машини кои ќе бидат направени на негова база, би можеле да бидат вооружени со шински електромагнетен топ, но и микробраново и ласерско оружје, напоменува еден од авторите на американскиот магазин „Национален Интерес“ Дејв Маџумдар, пренесува рускиот информативен портал Лента.ру.
Воениот експерт на американскиот журнал на тој начин ја коментира изјавата на поранешниот началник на Главната команда за оклопни и транспортни борбени средства во склоп на Министерството за одбрана на Русија генерал-полковник Сергеј Маев. Тој неодамна даде изјава за агенцијата ТАСС во која потврди дека современата оклопна техника ОБТ „Армата“, „Курганец-25“ и „Бумеранг“ се наоѓаат во завршниот стадиум на својот развој. „Ова ќе биде можеби и последната генерација оклопни возила засновани на традиционални принципи“, нагласи тогаш Маев.
„Ова семејство оклопни возила ќе ја има својата ефикасна употребна вредност во наредните 25-30 години, што на рускиот научно-истражувачки кластер ќе му обезбеди комотна временска рамка да развие копнени борбени платформи на апсолутно нови физички принципи“, истакна Маев.
Експертот на американскиот магазин нагласува дека „Русите развиваат неколку интересни концепти кои ќе ја имаат својата примена во војните на иднината“. Исто така, Дејв Маџумдар пишува дека во моментов врз основа на информациите од руските медиуми „не можат јасно да се распознаат основните правци на развој на руската перспективна борбена техника, ниту да се предвиди моделот како ќе изгледа таа“.
Кон крајот на минатиот месец заменик-премиерот Јуриј Борисов изјави дека поради големите трошоци околу воведувањето во вооружување на новиот основен борбен тенк Т-14 „Армата“ вниманието ќе биде насочено кон зголемување на борбениот потенцијал на постојната оклопна воена техника преку сериозни програми за нејзина модернизација. „Нашите основни борбени тенкови врз база на Т-72 и Т-90 имаат висок потенцијал за модернизација која по својот обем, квалитетот и конечната цена го надминува конкурентските тенкови како што се „Абрамс“, „Леопард“ или „Леклерк“, истакна Борисов. „Новите оклопни средства врз база на системот „Армата“ и „Бумеранг“ засега не ни се толку потребни“, рече Борисов.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче