Чудни импровизации: Либијците монтираа советски ротациски топ АК-630 на камион

Интернет-портал „Бог-рата“ (mars.online)
Во Либија се појави фотографија на која се гледа најновата верзија на „шуцпенцер“ во изведба на либиски воени ентузијасти. Имено, на камион е монтиран 6-цевен советски бродски ротациски топ АК-630 калибар 30 мм кој се одликува со голема густина на огнот. Останува прашањето колку оваа комбинација е функционална во практика со оглед на неверојатниот трзај на ова орудие.

Претпоставката е дека ова средство е направено за борба против беспилотни летала кои завојуваните страни во Либија ги користат обилно. Неговата секундарна улога би била борба против копнени цели и возила со лесен оклоп на далечини и до 4 илјади метри. Меѓутоа, се поставува прашањето за функционалноста на оваа врска, бидејќи се работи за топ со огромна брзина на стрелба, кој притоа употребува моќна муниција калибар 30 мм, пренесува инернет-порталот Marsonline.

Ротацискиот топ АК-630 е конструиран кон средината на 1960-те години во СССР. Негови главни конструктори се познатите советски/руски инженери на артилериско вооружување кое се одликува со голема густина на огнот - Василиј Грјазев и Аркадиј Шипунов. По десетина години интензивно тестирање, топот влезе во оперативно вооружување на 6 јануари 1976 година.

Неговата основна намена е непосредна заштита на површински пловила од воздушен напад. Според техничката спецификација, АК-630 е ефикасен во борба против воздушни цели кои се движат на висина од 20-4000 метри. Благодарение на големата разорна моќ на гранатите 30х165мм, ова средство е ефикасно и при уништувањето копнени цели на далечини и до 5000 метри. Ротацискиот топ се одликува со исклучително високо темпо на стрелба која изнесува околу 5000 гранати во минута. Неговото производство е организирано во Тулската фабрика за оружје.

Вкупната маса на топот АК-630 со вклопувачкиот модул е околу 4 тони. Во борбениот комплет може да има и до 2000 гранати калибар 30х165 мм. Се наоѓа во вооружувањето на речиси секој површински борбен брод во состав на руската армија. Практично од реморкерите па до тешкиот крстосувач/носач на авиони „Адмирал Кузнецов“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња