Русите започнаа со работа на проектот за супертешкиот авиотранспортер „Слон“

Интернет-портал „Бог-рата“ (mars.online)
Рускиот институт ЦАГИ објави фотографија од макетата на перспективниот супертежок военотранспортен авион „Слон“, кој треба да ги замени тешките транспортери Ан-124 „Руслан“. Макетата е направена за потребите од нејзино тестирање во воздушниот тунел на институтот. Должината на моделот е 1,63 метри, распонот на крилата 1,75 метри а тежината 120 килограми.

За да се намали масата на ова навистина импозантно летало, во изградбата на неговиот труп се користени алуминиумски легури со мала специфична тежина. Елементите на авионот кои ќе бидат оптоварени ќе бидат изработени од структурен челик. „Слонот“, според неговите целокупни тактичко-технички карактеристики, ќе биде навистина супериорно летало во својата класа, пишува интернет-порталот Marsonline.

„Најсложениот дел од работата при работењето над новиот авион е поврзан со неговите крила. Тие имаат сложена просторна форма заради обезбедување високи аеродинамички карактеристики во крстаречки режим на летање“. Ова го изјави заменик-началникот на технолошкиот отсек за експериментални проекти Андреј Сидоров.

Како што пренесува рускиот интернет-портал РГ, макетата на овој авион ќе биде тестирана во трансоничниот воздушен тунел Т-106. За следната година е планирана цела серија тестови на експерименталниот модел на овој авион, каде што покрај однесувањето на оваа аеродинамична форма во крстаречки режим на летање, ќе се следат и неговите параметри за време на симулациите на слетување и полетување.

Однадвор гледано тешкиот военотранспортен авион „Слон“ потсетува на неговиот претходник Ан-124, но сепак се разликува според некои многу важни детали.

Пред сѐ, значително е зголемена неговата носивост, која порасна за цели 60 тони. Ан-124 може да подигне товар до 120 тони, додека „Слон“ ќе може да понесе скоро 180 тони. Товарниот отсек е значително проширен, а на неговиот плафон ќе се најдат неколку шини за дигалки за товарање и истовар на товар со тежина до 30 тони. Над товарниот отсек ќе има дел за превоз на патници со капацитет до 100 лица.

Претпоставката е дека вообичаената конфигурација на превозниот отсек ќе се состои од речиси 400 војници со полна воена опрема, заедно со 14 оклопни автомобили возила „Тигар-М“ или пет лесни тенкови „Спрут“.

Авионот ќе го движат перспективните мотори ПД-35 со исклучителна моќност. За полесно „паркирање“ на овој колос, се планира крилата долги 88 метри да можат да се преклопуваат, како што е случајот со авионите-ловци кои се базираат на носачи на авиони.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња