Порталот Military Watch Magazine објави статија за првокласната важност на „Циркон“ во модернизацијата на Воената морнарица на Русија. Текстот е објавен по повод веста за подготовката на оваа крстосувачка ракета за натамошни тестирања.
Авторот потсетува дека ракетата „Циркон“ има карактеристики што претходно беа незамисливи за овој вид оружје. Нејзината брзина е скоро 9 маха, а дострелот до 1000 километри.
Според мислењето на експертите, Русија посветува сѐ поголемо внимание на развојот на лесни, но тешко вооружени бродови. Очигледен пример е релативно малата фрегата „Адмирал Горшков“, со депласман од 5400 тони, која може да носи до 16 ракети „Циркон” и од 32 до 128 противвоздушни наведувани ракети (во зависност од нивниот дострел), пишува „Росијскаја газета“.
Бродовите како „Адмирал Горшков“, вооружени со најсовремените противбродски ракети на светот, ќе имаат несразмерна предност во однос на потешките непријателски бродови.
На пример, изградбата на британски разурнувач тип 45 чини над 1,3 милијарди долари. Овој брод има депласман од 9400 тони, но само 48 вертикални лансирни единици.
Американските разурнувачи Zumwalt (кои чинат преку 7 милијарди долари) депласман од скоро 16000 тони, имаат 80 лансирни единици.
Притоа најмоќните противбродски ракети со кои располагаат британските и американските воени бродови се само унапредени варијанти на ракетата „Харпун“. Дури и во нивните последни модификации тие имаат дострел до 300 километри и брзина помала од брзината на звукот.
Доволен е еден директен погодок на ракета со брзина од 8 маха да го неутрализира дури и најголемиот воени брод. Притоа „Циркон” не можат да го пресретнат дури ни најсовремените системи за ПВО.
Авторот потсетува дека, според планот, „Циркон“ ќе влезе во состав на вооружувањето на руската армија набрзо по 2020 година.