Кинескиот интернет портал Sina е уверен дека перспективниот ПВО/ПРО С-500 „Прометеј“ ќе може да ги соборува и метеоритите кои летаат во правец на Земјата.
Како што се наведува во текстот, руските противвоздухопловни и противракетни системи од година во година привлекуваат сѐ поголем интерес на меѓународниот пазар за оружје и воена техника. Парадоксално, најдобрата реклама за нив ја направи американската страна. Тие донесоа одлука да им воведат санкции на земјите кои се решаваат да го набават ракетниот систем С-400 „Триумф“, пренесува порталот Marsonline.
Во изданието се наведува дека усовршената верзија на системот С-400 (се мисли на С-500) ќе биде во состојба да ги уништи сите современи воздушни објекти. Тоа вклучува и пресретнување на метеорити кои доаѓаат од вселената. С-500 ќе може да постигне максимален дострел од најмалку 500 км. Истовремено ќе може да гаѓа и до 10 цели, пишуваат кинеските стручњаци.
Неодамна медиумите објавија текст во кој се претпоставува кој ќе биде првиот купувач на ракетните системи С-500. Секако, на прво место е заинтересирана НР Кина.
Во меѓувреме Пекинг и Москва потпишаа договор за испорака на системот С-400 „Триумф“. НР Кина е еден од водечките партнери кога е во прашање набавката на современо руско оружје, без оглед на сѐ поразвиената домашна воена индустрија.
Нешто околу новиот руски систем
С-500 ќе може да се бори против целиот спектар на воздушно оружје, вклучувајќи хиперсонични летачки објекти и боеви блокови на интерконтинентални балистички ракети. Основната „противавионска“ ракета што ќе ја применува системот С-500 ќе биде 40Н6. Таа ќе може да соборува цели на растојанија и до 400 км. Оваа ракета веќе се наоѓа во вооружувањето на системот С-400 како негов врвно оружје. За пресретнување балистички цели и хиперсонични летечки објекти се развива семејството ракети 77Н6. Овие ракети треба да ги заменат постарите модели 9М82 кои се наоѓаат во вооружувањето на системот С-300В.
Се смета дека „Прометеј“ ќе може да оствари ефективен хоризонтален дострел и до 600 км, додека висината на пресретнување на воздушните цели ќе биде драматично зголемена во споредба со претходникот С-400. Имено, новите типови ракети ќе овозможат борба со непријателските цели кои се наоѓаат во поблиската вселена. Новите можности на системот С-500 „Прометеј“ не ја исклучуваат можноста за соборување извидувачки сателити кои се движат во ниската орбита на Земјата.