Заменик-министер за одбрана на РФ: Можеме да соборуваме цели кои летаат 16 пати побрзо од звукот

Слободан Ѓукиќ
Заменик-министерот за одбрана на Русија Александар Фомин на пленарното заседание на „Пекинг Сијангшан форумот за безбедност” констатираше дека многу држави во светот знаат дека руските системи за ПВО се апсолутно неприкосновени во однос на својата конкуренција.

Многу држави во светот знаат дека руските ракетни системи за противвоздушна одбрана се во моментов најдобрите на светот. Кога зборуваме за системите С-300 и С-400 тие немаат никаква конкуренција кога е во прашање нивниот ефективен дострел или бројот на истовремено нападните и уништени цели, изјави за руската новинска агенција РИА „Новости“ заменик-министерот за одбрана на Русија Александар Фомин кој учествува на пленарното заседание на „Пекинг Сијангшан форумот за безбедност” што се одржува во кинескиот главен град.

„Сите знаат дека на системите С-300, а особено на С-400, не може да им парира ниеден таков ракетен систем, независно дали се вика Patriot или Patriot PAC-3+. Тие не можат да се мерат не само според ефективниот дострел или количината на истовремено уништени цели, ниту по видот на нападнати цели, брзината на нивното движење при пресретнувањето, значи сѐ што претставува главни фактори врз основа на кои се споредуваат ПВО-системите. Според сите тие параметри ние имаме поквалитетни системи отколку што тоа е Patriot PAC-3+“, изјави Фомин.

Тој додаде дека покрај набројаните карактеристики, многу е важна и далечината на откривање на целта, потоа ефективниот дострел на ракетата по висина, а не само по далечина, поблиската зона на пресретнување итн.

Рускиот систем во однос на американскиот Patriot PAC-3+доминира во уште една многу важна тактичко-техничка способност. Имено, последната верзија на американскиот систем може да пресретне воздушни цели кои летаат со брзина до 1700 м/с (околу 6000 км/ч), додека руската ПВО пресретнува цели кои летаат со хиперсонични брзини од дури 4700  м/с (16 пати побрзо од звукот или 17000 км/ч).

„Дали согледувате колкава разлика е тоа“, задоволно запраша Фомин.

Според него, „цели кои ќе летаат со вакви брзини не се очекуваат пред 2040-2050 година“.

И покрај апсолутната доминација на руските ракетни системи од серијата „300“ и серијата „400“, рускиот воено-индустриски комплекс внимателно го завршува комплетирањето на првиот дивизион на најновиот руски ракетен систем С-500 „Прометеј“ кој благодарение на значително проширените тактичко-технички способности ќе има изразено противракетен карактер. Се разбира, благодарение на различната палета достапни ракети овој систем ќе може ефикасно да се бори и против класични воздушни цели како и неговите претходници. Неодамна се појави информација дека еден од серијата нови радари од типот „Енисеј“, кој ќе биде интегрален дел на системот С-500, првпат е тестиран на полигонот Ашулук при вежбовните активности на руските Воздушно-космички сили.

Според извори од Министерството за одбрана на Русија, сериското производство и опремувањето на руските Воздушно-космички единици со системот С-500 треба да почнат во 2020 година. Два современи заводи (Кировскиот и Новгородскиот) за производство на воена техника кои се наоѓаат во состав на концернот „Алмаз-Антеј“ веќе почнаа со производство на одделни компоненти на овој систем.

Прочитајте повеќе: Руски вицепремиер: С-500 „Прометеј“ наскоро влегува во фаза на практични испитувања

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња