Западни медиуми: С-500 ќе ја обесмисли употребата на авијацијата на НАТО во Европа

Сергеј Малгавко /Sputnik
Пред неколку дена беше објавена веста дека Русите започнале со производство на систем за ПВО/ПРО од нова генерација С-500 „Прометеј“, и дека неговото воведување во вооружувањето би можело да се случи и пред планираните рокови. Оваа информација крена вистинска „бура“ во западните средства за информирање, каде можеа да се слушнат мислења дека Москва со овој потег од рацете на НАТО ќе исфрли нешто без кое тие никако не можат да функционираат.

Воведувањето на далекусежниот ракетен систем за ПВО/ПРО С-500 и неговото распоредување во западните делови на Руската Федерација може да биде голема опасност за воздухопловните капацитети на НАТО, соопштува интернет порталот Милитари уоч магазин. Во текстот постои обид да се одговори на прашањето како распоредувањето на „Прометеј“ ќе влијае врз балансот на силите на небото над Европа, пренесува порталот marsonline.

Основна задача на системите С-500 „Прометеј“ е борбата против нискоорбиталните сателити и космички борбени средства, пресретнување ракети и уништување на стратешки најважните авиони на условниот непријател. Новиот систем, како што се наведува во текстот, може да открива цели на оддалеченост и до 800 километри, додека радиусот на дејство на ракетите изнесува 600 километри.

Токму ваквите напредни техничко-тактички можности на системот С-500 „Прометеј“ може сериозно да го ограничи просторот за маневар на авијацијата на НАТО која е стационирана во Европа, констатираат западните воени аналитичари.

Постојат специфични типови авиони кои играат практично незаменлива улога во воздушните операции на НАТО. На пример, тоа се авионите за радарско набљудување и командување, како што се E-3 „Sentry“, E-2 „Hawkeye“ и E-7A „Wedgetail“, кои ги координираат дејствијата на ловечките и на бомбардерските формации од повеќе држави во рамките на сојузот НАТО. Токму С-500 со своите далекусежни ракети може да ја оневозможи употребата на овие „летечки радари“ над поголемиот дел од европскиот континент, што се заканува радикално да го измени балансот на силите, овој пат на страната на Русија. НАТО, од друга страна, нема слични вакви средства за ПВО кои би можеле да ги соборат руските аналози, како што се авионите за радарско набљудување и командување А-50 и А-200 „Премиер“. Појавата на руските системи за ПВО од новата генерација до крајни граници ќе ја комплицира употребата на воздушните командни пунктови E-8 „Joint STARS“, E-9 „Widget“ и E-4 „Nightwatch“, извидувачките авиони OC-135 и RC-135, како и авионите за противелктронска борба, пренесува Интернет-порталот РГ.

Eurofighter

Летечките авиоцистерни како што се КС010 и КС0135, исто така се наоѓаат во голема опасност од системите како што е С-500. Воените воздухопловства на земјите кои се наоѓаат во НАТО главно се составени од борбени авиони со краток и со среден долет, како што се повеќенаменските ловци F-16 , F-18E, Gripen, Rafale и F-35, каде недостатокот од дополнување гориво во воздухот драматично ги намалува нивните оперативно-тактички можности. Нити за логистиката ова не би било помал проблем зашто поголемиот дел од Европа би бил недостапен за воено-транспортните авиони C-130 „Hercules“.

Доколку овие системи би биле поставени во руската енклава околу градот Калининград, на полуостровот Крим и на западните граници на Русија, тие би можеле да покријат значителен дел од европскиот воздушен простор, вклучувајќи го и целото Балтичко море. На пример, авионот за радарско набљудување и командување E-3 „Sentry“ не би смеел да се движи над Берлин, над Малме и над Стокхолм, како и над северните делови на Чешка и на Словачка, зашто би влегол во дострел на системите С-500. Во зоната на ефективниот дострел на системите С-500 „Прометеј“ би се нашол речиси целиот воздушен простор на Полска и западниот брег на Црното море.

Комплексот за ПВО/ПРО С-500 „Прометеј“ спаѓа во новата генерација противвоздушни системи „земја-воздух“. Станува збор за универзален систем со голем хоризонтален и вертикален дострел кој има нагласени способности за противракетна одбрана, односно може да пресретнува балистички ракети.

Овој систем нема да биде исклучиво специјализиран за пресретнување балистички цели и сателити чии траектории се наоѓаат на голема височина. Тој, освен тоа, ќе има можност да води борба и против класичните воздушни цели како што се авионите и хеликоптерите, каде посебно слатко ќе му дојдат таканаречените невидливи авиони. Значи, ќе станува збор за еден универзален систем кој ќе може да се бори против комплетен спектар воздушни цели, без оглед на нивните брзински карактеристики и патеката на летот.

Според информациите од достапните извори, С-500 ќе има дострел до 600 километри и ќе може во исто време да напаѓа до десет балистички хиперсонични цели кои летаат со брзина до седум километри во секунда.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња