Дали руските ракети „Кинжал“ се закануваат да го обесмислат постоењето на воената морнарица?

Модернизираниот ловец-пресретнувач МиГ-31К вооружен со ракети „Кинжал“.

Интернет-портал „Бог-рата“ (mars.online)
На публиката за првпат ѝ беше демонстрирана употребата на хиперсоничниот ракетен комплекс „Кинжал“. Ударниот двоец кој ги носеше овие незапирливи ракети се состоеше од модернизираните ловци-пресретнувачи МиГ-31К заедно со ловецот од петтата генерација Су-57. И тоа не е сè. Овие ракети ќе бидат составен дел од борбениот арсенал на модернизираните суперсонични бомбардери Ту-22М3М.

Веќе многумина имаат слушнато за хиперсоничниот ракетен комплекс со воздушно базирање „Кинжал“. Некои имале среќа да го видат и во живо за време на одржувањето на големата воена парада по повод Денот на победата на 9 мај 2018 година на Црвениот плоштад во Москва. Сега модернизираните ловци-пресретнувачи МиГ-31К вооружени со хиперсоничните ракети „Кинжал“ учествуваа во рамките на меѓународниот воен натпревар „Авиадартс“ на специјалниот тактички приказ „Авиаикс“ кој се реализираше на воздухопловниот воен полигон Дубровичи кај Рјазањ.

Овој пат авионите МиГ-31К дејствуваа во тандем со ловците од петтата генерација Су-57, кои даваа ловечка заштита на оперативно-тактичките и на јуришните бомбардери за време на нивниот удар по земјените цели на условниот непријател. Значи, на пошироката публика повторно им беа прикажани два авиони МиГ-31К со ракети „Кинжал“ кои овој пат ги покриваше ловечката авијација (авионот Су-57), што треба да претставува основна тактичка минијатура за време на употребата на перспективното воздухопловно хиперсонично вооружување.

Заблескаа фотоапаратите и видеокамерите на бројни странски воени аташеа и експерти, кои со големо внимание го набљудуваа летот на „страшното“ руско оружје.

Реалните процени говорат дека оваа ракета се наоѓа во оперативна состојба, и дека прилично се точни процените на нејзините брзински квалитети кои говорат дека „Кинжал“ може да лета десет пати побргу од звукот. Ова е потврдено на последните тестирања за време на кои се тестирани летно-техничките карактеристики на ракетата. Во овој момент ракетата „Кинжал“ ќе добие можност да се постави и на останатите летачки платформи, а не само на МиГ-31К. Тестирањата на овие ракети се реализираат на суперсонични бомбардери со голем дострел Ту-22М3 кои минатата година беа изведени на рускиот Далечен Исток, пренесува Интернет-порталот Бог-рата.

Руските конструктори поради своите брзински квалитети го зедоа МиГ-31 за основна платформа кога станува збор за ракетата „Кинжал“ (верзија МиГ-31К). Но, овој авион може да носи само една ракета, така што за изведување на плотунски удар врз голем број непријателски цели неопходна е поголема платформа. Руските конструктори најдоа идеално решение за замена преку суперсоничниот бомбардер Ту-22М3.

Во времето на СССР вкупно се произведени околу 500 вакви авиони, Последниот примерок беше комплетиран во 1993 година. Но, поради тешката финансиска криза која следуваше поради колапсот на Советскиот Сојуз, и неможноста на Министерството за одбрана да најде пари за овој авион, истиот беше поставен на споменик во кругот на Казањската воздухопловна фабрика.

Секако, денес количеството бомбардери Ту-22М3 радикално е намалено во однос на златните времиња на СССР. Во единиците на Воздушно-космичките сили оперативно има околу 60 летала од овој тип, Во овој момент за овие авиони се развиени напредни пакети за модернизација, а може да се претпостави дека сите ќе бидат унапредени на новиот стандард. Најверојатно новата модернизација ќе ја опфати и можноста за интеграција на хиперсоничните ракети „Кинжал“. Особено е интересна неговата најнова модернизација Ту-22М3М кај која радикално е обновен целиот авион, со обемни унапредувања кога станува збор за нападно-навигацискиот комплекс на леталото и слично. Првиот лет на авионот Ту-22М3М е реализиран во август минатата година.

Што всушност претставува ракетата „Кинжал“ за која во последно време зборуваат западните медиуми и нивните воени експерти? Ракета-молња која е невозможно да се собори поради нејзината исклучително висока траекторија на летот и маневарските способности за време на „пикирањето“ на целта? Дали е тоа само пропаганда на Кремљ зад која стои едно големо ништо?

Експертите сметаат дека ракетата „Кинжал“ е всушност длабока модернизација на ракетата од класата „земја-земја“ која ја користи оперативно-тактичкиот воен комплекс „Искандер-М“. Според нивните процени руските конструктори имаат извршено пренамена на оваа ракета за употреба од воздушна платформа. Овие процени најверојатно не се далеку од вистината.

Една од фундаменталните карактеристики на ракетата „Кинжал“ е висината за време на нејзиното лансирање која не би требало да биде пониска од 12.000 метри. Во таа пригода летачката платформа мора да се движи со брзина поголема од 2.000 километри на час (идеално е повеќе од 3.000 километри на час) за постигнување оптимални услови за стартување на главниот мотор кој ѝ овозможува вртоглаво забрзување на движењето. Токму за ваквата функција за ракета-носач е одбран МиГ31К кој на големи височини може да достигне брзина од 3.400 километри на час. Но, главниот проблем на оваа платформа е носивоста, односно таа е во состојба да понесе само една ракета „Кинжал“, што е во спротивност на високиот интензитет, односно е недоволен број.

Токму поради оваа причина руските конструктори мораа да најдат доволно квалитетно решение кое ќе ја задоволи брзината и ќе ја зголеми носивоста на авионот. Избран е суперсоничниот бомбардер Ту-22М3 кој има способност во стратосферата да подигне група од 4 до 8 ракети „Кинжал“ (2 авиони Ту-22М3 можат да заменат цела ескадрила МиГ-31К). Со максимален дострел на ракетата кој изнесува 2.000 километри (така е барем обелоденето) групата вакви авиони може да проектира масовен ракетен удар на голема површина. Она што е од исклучителна важност е фактот што авиоплатформата која лансира ракети за време на своето дејство, воопшто не влегува во зоната на радарското покривање од страна на непријателот. Притоа, благодарение на исклучителните летно-технички карактеристики на ракетата, таа без никаков проблем пенетрира во просторот кој е покриен од страна на непријателските системи за противракетна одбрана.

Хиперсоничната ракета „Кинжал“ уште на 1 декември 2017 година беше поставена на експериментално боево дежурство на аеродромите кои се наоѓаат во зоната на одговорност на Јужниот воен округ. Зошто токму тука? Едноставно зашто во Сирија и понатаму беснее војна. Американската 6 флота е активен учесник во оваа војна. Руската армија со помош на далекострелни хиперсонични ракети „Кинжал“ претставува огромна опасност за американските воени бродови кои се наоѓаат во дострел на руските авиони базирани на кримските и на кубањските воени аеродроми. Со овие ракети може да се изведе и мошне ефикасен удар брз бродовите како што е носач на авиони, кои важат за најзаштитени поморски објекти на светот.

Навистина, засега не е регистрирано тестирање на овие ракети на површински цели на вода во акваторијата на Црното и на Средоземното море. Но, не е исклучено дека „Кинжал“ е применет во Сирија каде е употребен врз позициите на радикалните терористи.

Треба да се спомене дека намената на модернизираната верзија на ловецот-пресретнувач МиГ-31К кој инаку носи ракета „Кинжал“ е детекција и уништување балистички и крстосувачи ракети, различни воздухопловни апарати во распон од беспилотни летала па до сателити кои се движат по ниската земјина орбита. Тој може успешно да се конфронтира и со американските ловци од петтата генерација Ф-22 и Ф-35. Модернизираниот ловец-пресретнувач може на оддалеченост од 280 километри да открие и да нападне воздушни цели кои се движат пет пати побрзо од звукот, благодарение на моќниот радар со фазирана решетка, кој е уникатен според своите борбени способности.

Овој пресретнувач може да носи 9.000 килограми борбен товар. Во неговиот арсенал влегуваат различни видови воздухопловна муниција, вклучувајќи ракети со голем дострел, со кои пилотот може самостојно да нанесе удар без дополнителна асистенција која се потпира на надворешен извор на информации. Благодарение на големиот дострел на својот радар МиГ-31 во тактичка смисла може да се употреби и како воздушен команден пункт.

Уште еден потенцијален носач на ракетата „Кинжал“ е суперсоничниот бомбардер Ту-22М3М. Воопшто не е случајно што американските воени експерти повторно почнаа постојано да „дрнкаат“ за него, при што особено се издвојува Интернет-порталот „Нешионал интерест“ кој го квалификува како исклучително опасен по стратешките потенцијали на американската воена морнарица (читај: носачи на авиони на атомски погон).

 

Треба да се спомене и дека модернизираната руска „тушка“ (Ту-22М3М) има добиено три современи противбродски ракети Х-32. Станува збор за крстосувачки ракети со воздушно базирање од класата „воздух-земја/воздух-море“ со ефективен дострел од 600 до 1.000 километри. Оваа ракета на својот пат може да постигне брзина од 5.000 километри на час, што во техничка смисла обезбедува услови кои се повеќе од доволни за пробивање на американскиот противракетен систем Аегис, кој е инсталиран на воените бродови. Х-32 за време на својот лет достигнува висина од 40 илјади метри. Во непосредна близина на целта оваа ракета практично „со сласт“ се истура на бродот, што заедно со нејзината брзина ја прави незапирлив летачки објект.

Можеби американската команда некако би можела да ја амортизира оваа приказна низ дополнително вложување огромни финансиски средства во понатамошна модернизација на системот за ПРО Аегис. Но, вистинскиот кошмар од кој во догледно време нема излез е можноста за интеграција на четири ракети „Кинжал3 на модернизираните бомбардери чија брзина достигнува речиси 12.000 километри на час. Имено, ВКС планираат до крајот на 2020 година (реално овој рок треба да се врзе за крајот на 2021 година) да модернизираат на најнапредниот стандард околу 30 летала Ту-22М3. Со оглед на тоа дека станува збор за темелна модернизација која вклучува и репарација практично на целиот авион, неговиот животен вел би се продолжил дури до 2060 година.

Во целина гледано, појавата на вакви летала во воздухопловните единици на руската армија може кардинално да го смени односот на силите на бојното поле. Ова особено се однесува на проблемите поврзани со војската на САД која долги години воопшто не обрнуваше внимание на модернизацијата на своите противракетни капацитети поставени на бродовите на ВМ, а кои во овој момент немаат ниту еден промил шанса во потенцијален судар со „Кинжал“.

Прочитајте повеќе: Колку борбени авиони во моментов може да употреби руската армија?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња