Русија ќе ја адаптира хиперсоничната ракета „Кинжал“ за лансирање од копно

Слободан Ѓукиќ
Новата копнена хиперсонична ракета со среден дострел од класата земја-земја ќе биде направена на база на воздушната ракета „Кинжал“. За ваква пренаменување нам нема да ни бидат потребни големи финансиски вложувања, истакнуваат руските експерти.

Неодамна претседателот на Русија Владимир Путин обелодени дека и Русија ќе излезе од Договорот за ликвидација на ракетите од среден и краток дострел, како одговор на унилатералната одлука на Вашингтон да го напушти овој договор. Првиот човек на земјата се сложи со предлозите на Министерството за одбрана за почеток на работата за „пренамена“ на крстосувачките ракети „Калибр“ кои ќе можат да се лансираат од копно, но и со развој на хиперсоничен ракетен систем од класата земја-земја со среден дострел.

Според мислењето на поранешниот началник на специјалната комисија на Министерството за одбрана која учествуваше во изработката на договорот со САД, генерал-полковник Евгениј Бужински, најверојатно ќе дојде до адаптација на воздушниот хиперсоничен комплекс „Кинжал“ кој моментално се базира на специјална модификација на ловецот-пресретнувач МиГ-31К, пишува Интернет-порталот РИА Новости.

Се смета дека тоа ќе биде копнена верзија која е аналог на системот Кинжал. Тоа би било најефикасно решение кое не би изискувало големи парични средства. Секоја поморска или воздушна ракета е полесно да се адаптира за лансирање од копното, одошто целиот проект да се започне од нула“; рече генералот.

Слично мислење има и членот на советот при Министерството за одбрана на Руската Федерација Игор Коротченко кој спомена дека на овој начин Русија во кус временски период ефикасно ќе може да одговори на повлекувањето на САД од Договорот што истовремено ќе ги зголеми расходите во воениот буџет што е проектиран за оваа година.

„„Ќе направиме пренамена на хиперсоничната ракета Кинжал. Важно е да се спомене дека мерките што ги продолжи нашиот претседател не изискуваат дополнителни финансиски товари кои би излегле од рамките на буџетот на Министерството за одбрана. Истовремено на овој начин мошне ефикасно ќе одговориме на повлекувањето на САД од Договорот за ликвидација на ракетите од среден и краток дострел“, рече Игор Коротченко.

Русија нема да биде вовлечена во трка за вооружување

Генерал Бужински истакна дека појавувањето на нови ракетни системи не подразбира масовно производство што би личело на нова трка во вооружувањето. Количеството нови ракети ќе зависи од конкретните дејствија што ќе ги преземат Американците на копното на Европа.

„Ние внимателно ги следиме дејствијата на САД. Доколку тие почнат да распоредуваат нови ракети во Европа, ние брзо ќе реагираме. Ако не преземат активности во оваа насока, тогаш ни ние не треба да натрупуваме ракетни единици кои би им парирале. Сево ова ќе се покаже во периодот кој доаѓа“, вели рускиот генерал.

Дека не постојат економски ризици кои дополнително би го оптовариле рускиот буџет, согласен е и членот на експертскиот совет на колегиумот на воено-индустрискиот комплекс на Руската Федерација Виктор Мураховски.

„Дали воопшто ќе дојде до масовно производство на овие ракетни системи, колку ќе произведеме и каде ќе ги поставиме, сето тоа зависи од понатамошните потези на САД. Мислам дека такво нешто нема да нè чини премногу кога станува збор за материјалните издатоци. На пример, формирањето на една комплетна ракетна бригада вооружена со копнени лансери за крстосувачките ракети „Калибр“ нè чини исто колку и опремување на една ракетна корвета со истите ракети. Притоа оперативните можности на копнената формација се далеку поголеми од еден брод“, истакна рускиот експерт.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња