Фрапантна прецизност: Ракетата „Кинжал“ на далечина од 2000 км прави свртување помало од еден метар

Слободан Ѓукиќ
Рускиот хиперсоничен ракетен систем со воздушно базирање „Кинжал“ има способност да ги уништи непријателските површински бродови со снајперска прецизност.

„Отстапувањето на ракетата од целта не е поголемо од еден метар“, наведува руски воен експерт, пренесува интернет-порталот „Ѕвезда“. Тој додава дека и другите руски проекти на хиперсонично оружје, кои во моментов се во фаза на развој, ќе имаат слични параметри на прецизност. Причината за таквата висока прецизност е широката соработка на сите нивоа помеѓу ракетните заводи и компаниите кои ги произведуваат електронските системи, наведува интернет-порталот РГ.

Во март 2018 стана извесно дека Русија завладеала со технологија на производство на ракети кои ќе летаат со хиперсонична брзина. Тогаш за време на обраќањето пред Федералното собрание рускиот претседател Владимир Путин ја спомена ракетата „Кинжал“. Во меѓувреме дознавме уште неколку тактичко-технички параметри кои ја карактеризираат оваа ракета. Прво, во прашање е ракета што ќе ја носат борбени авиони (ловци-пресретнувачи МиГ-31К) и која ќе се применува против површински бродови, а веројатно и против копнени цели на условниот непријател. Второ, нејзината брзина ќе достигне астрономски 10 маха (10 пати повеќе од брзината на звукот). Трето, нејзиниот краен дострел ќе изнесува 2000 километри, благодарение на што авионите нема да мораат да влегуваат во зоната на непријателската ПВО. И, четврто, дека самата ракета е всушност модификација на проектилот што го користи оперативно-тактичкиот ракетен комплекс од класата „земја-земја“ „Искандер“.

Како што рековме, основната летечка платформа за ракетата „Кинжал“ ќе биде модифицираниот ловец-пресретнувач МиГ-31К, кој може да достигне брзина поголема од 3000 км/час, што е идеално за овој тип на оружје. Имено, со цел колку што е можно полесно да достигне брзина од 10 маха, како и да помине растојание од 2000 км, неопходно е ракетата да се лансира при што поголема почетна брзина. Во моментов една ескадрила вакви авиони вооружени со ракети „Кинжал“ се наоѓа во опитно-борбена експлоатација во воздухопловните единици на Јужниот воен округ.

Приоритетни цели на ракетата „Кинжал“ се големите површински воени бродови (од бродови од класата на разурнувачи па нагоре). Ракетата е опремена со пробојно-деструктивна боева глава тешка 500 кг, која е способна да потопи или тешко оштети бродови со голем депласман.

Прочитајте повеќе за авионот без кој не би постоел „Кинжал“: Супербрзата авиоплатформа МиГ-31К

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња