Ловци-пресретнувачи МиГ-31К вооружени со хиперсонични ракети „Кинжал“
Слободан ЃукиќСпоред извори на американскиот интернет портал The Drive, почната е фаза на опитно-конструкторска работа на специјално проектиран летечки објект кој всушност треба да биде пресретнувач на хиперсонични проектили каков што е, на пример, рускиот „Кинжал“. Како што пренесува интернет порталот РИА „Новости“, основната цел на американската компанија ДАРПА е развој на кинетички пресретнувачи „Глајд Брејкер“ кои ќе уништуваат ракети што летаат со хиперсонична брзина и тоа со сила на кинетички удар. Според првите информации, објектот „Глајд Брејкер“ ќе има способност директно да ја погоди својата мета, без да користи распрскувачко високоексплозивна боева глава каква што обично користат ракетите на ПВО/ПРО.
„Основната цел на програмата „Глајд Брејкер“ е проширување на борбените способности на противракетната одбрана на Војската на САД кога е во прашање борба со хиперсонични објекти“, истакнаа неодамна од информативната служба на агенцијата ДАРПА која почна со развој на овој проект.
Американскиот интернет портал наведува дека американската војска е вознемирена од новата генерација ракетно оружје со хиперсонични карактеристики (ракетните комплекси „Авангард“ и „Кинжал“), кои неодамна беа претставени во Руската Федерација. Покрај Руската Федерација, и НР Кина исто така напредува во развојот на сопствено хиперсонично оружје.
Малку порано командантот на Северната команда на Војската на САД, како и Командата на Воздушно-космичката одбрана на Северна Америка, генерал Теренс О'Шонеси истакна дека копнениот простор на САД во овој момент е незаштитен од најновата закана што доаѓа до Русија и Кина.
„Ние сме должни фундаментално да ја осмислиме одбраната на нашата држава, како и начините на борба со непријателот кој според силата е еднаков со нас“, истакна О'Шонеси на конференција одржана под патронат на Националната гарда на САД.
Еден од потенцијално ефикасните пресретнувачи на непријателски хиперсонични објекти е американскиот авион-ловец од четврта генерација Ф-16. Според зборовите на генералот, овие авиони претставуваат одлична платформа доколку нивниот радарско-електронски блок би бил засилен со радарска антена која би поседувала активна фазна решетка.
Исто така се напоменува дека корпорацијата „Локид Мартин“ од Военото воздухопловство на САД добила задача да осмисли и развие нов хиперсоничен аеробалистички проектил. Оваа корпорација развива хиперсонична аеробалистичка ракета Air-Launched Rapid Response Weapon – ARRW (мак. воздухопловно оружје за брза реакција), која би требала да биде одговор на рускиот хиперсоничен аеробалистички ракетен систем „Кинжал“. Финансиската тежина на целиот овој проект сѐ уште не прецизно дефинирана, но се претпоставува дека таа може да достигне сума од половина милијарди долари (околу 480 милиони долари). Паралелно со овој проект американската компанија „Локид Мартин“ го развива и концептот на хиперсоничната ракета Hypersonic Conventional Strike Weapon – HCSW (мак. хиперсонично оружје за конвенционален удар) за што е планирана сума од околу 928 милиони долари. Овие два проекта би требало да бидат завршени до 2021 година, кога и САД во своето вооружување би требале да имаат хиперсонични ракети, меѓутоа, според мислењето на рускиот воен експерт Владимир Карјакин, се работи за многу оптимистична временска рамка која тешко ќе се реализира во наредните 2-3 години.
„Трката во вооружување веќе се одвива во голема мера и нашите потенцијални противници по секоја цена сакаат да го анулираат сериозниот недостаток кога е во прашање хиперсоничното ракетно оружје. Тоа е посебно нагласено по усвојувањето во оперативна употреба на нашата војска на аеробалистичката хиперсонична ракета „Кинжал“. Тие сакаат да ја пополнат таа празнина која „зјае“ во нивниот ракетен убоен арсенал, а наше е внимателно да го следиме понатамошниот развој на настаните“, изјави експертот.
Според Карјакин, за развој и подоцнежно испитување на серијата хиперсонични ракети кои ги планираат САД, потребно е да поминат најмалку пет години. Значи, САД потенцијално би можеле да имаат хиперсонична ракета како што е рускиот „Кинжал“ дури некаде од 2023-2024 година.
Претседателот на Русија Владимир Путин во своето неодамнешно традиционално годишно обраќање до Федералното собрание зборуваше за руското хиперсонично оружје. Притоа тој истакна дека, меѓу другото, Русија на почетокот на декември успешно тестирала воздухопловно хиперсонично оружје (системот „Кинжал“), кое е десет пати побрзо од звукот, на кое ниту една ПВО не му може ништо, и кое по успешниот тест го воведе во оперативното вооружување во воздухопловните бази на југот на земјата.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче