Сателитот на Министерството за одбрана на РФ, лансиран синоќа од космодромот „Бајконур“, беше успешно изнесен во предвиденото време во зададената орбита, соопшти одделението за информирање и и масовни комуникации на рускиот воен ресор.
Во вторникот, 6 август, во 00:56 часот (по московско време), од космодромот Бајконур (Република Казахстан) успешно беше лансирана тешка ракета-носач „Протон М“ со вселенски апарат за Министерството за одбрана на Русија, се вели во соопштението.
Како што е наведува, сите активности пред операцијата за лансирање и самиот старт на ракетата за вселенска намена „Протон М“ се извршени регуларно. Контролата на лансирање и летот на ракетата-носач се врши со средства на копнен автоматизиран систем за управување. Апаратот ја доби ознаката „Космос-2539“.
Претходно првиот човек на „Роскосмос“ Дмитриј Рогозин најави дека на 6 август од космодромот Бајконур ќе биде лансирана ракета-носач „Протон“. На почетокот на оваа година првиот заменик-командант на космичката војска на Воздушно-космичките сили генерал мајор Игор Морозов рече дека Министерството за одбрана планира во 2019 година да лансира воен сателит од космодромот Бајконур. Како што наведе тој, се работи за последно лансирање за Министерството за одбрана од Бајконур.
„После тоа, целосно се префрламе на лансирање исклучиво од космодромот Плесецк“, рече Морозов.
За видот и намената на сателитот официјално нема информации, меѓутоа, во мај министерот за одбрана на РФ Сергеј Шогу изјави дека за војската е планирано лансирање на два модернизирани комуникациски сателити „Меридијан М“. Покрај тоа, како што рече тој, оваа година дефинитивно треба да биде формирана орбиталната група на воени сателити „Благовест“, која се состои од вкупно четири такви вселенски апарати. Според министерот, на тој начин ќе се обезбеди можност за проширување на зоната на достапност на сателитските комуникации на територијата на Русија и надвор од неа, вклучувајќи го и арктичкиот појас.
Според пишувањето на руските медиуми, првиот сателит „Благовест“ беше изнесен во орбитата во август 2017 година, а другите два во април и декември минатата година. Телекомуникациските сателити „Благовест“ се развиени од претпријатието „Информациски сателитски системи Решетњов“, врз основа на договорот со МО на РФ на база на платформата „Експрес-2000“. Тие се рамномерно распоредени во геостационарна орбита (кружна орбита на висина од 35786 километри), што обезбедува глобално покривање и ѝ гарантира на руската војска пристап до брз пренос на податоци, телевизиски и радио програми, интернет, телефонија и други видови комуникација. Вселенските апарати ги користат перспективните фреквенции на Ka- и Q-band.
Инаку, на 10 јули од космодромот „Плесецк“ беа лансирани вселенските апарати „Космос-2535“, „Космос-2536“, „Космос-2537“ и „Космос-2538“. Министерството за одбрана на РФ соопшти дека сателитите „Космос-2535“ и „Космос-2536“ се наменети за истражување на влијанието на вештачките и природните фактори на вселената врз вселенските апарати на руската орбитална група, како и за разработка на технологија за нивна заштита и орбитално опслужување.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче