„Во рамките на комплексот С-400 се наоѓа самостоен команден пункт со автономна опрема за одредување на целта (локатор), како и огнени средства, кои исто така имаат автономни уреди за воздушно набљудување кои детектираат цели на сите височини“, рече генерал Александар Горков, поранешен началник на силите за ПВО во рамките на ВВС на Русија, кој ја извршуваше оваа важна функција во периодот 2000-2008 година. „Системот може да работи во формациска група составена од команден пункт и три-четири огнени единици. Огнените средства на дивизионот пак можат да дејствуваат и потполно самостојно насочувајќи се на покривање на одделни зони кои во тактичка смисла можат да бидат од интерес на непријателот“, одговори тој на наводите на американската аналитичка агенција „Стратфор“, пренесува порталот Marsonline.
Експертот притоа посебно ја нагласи високата автономија на дејство на ракетниот ПВО-систем С-400 „Триумф“, објаснувајќи дека комплексот има повеќе од доволно способност за борба, како на мали, така и на средни и големи височини.
Аналитиката на американската компанија „Стратфор“ објави текст во кој се наведуваат слабите точки на рускиот ПВО-систем С-400 „Триумф“. Конкретно, американските експерти се убедени дека овие системи може да станат многу ранливи ако се користат надвор од вмрежен систем за противракетна одбрана (систем за ПВО, во кој сите единици се поврзани една со друга и во кој постојано разменуваат информации). Исто така, американската компанија „Стратфор“ укажува на многу ниската ефикасност на системот С-400 кога станува збор за ракети кои користат ниска траекторија на лет.
„Што имаат предвид американските аналитичари кога го споменуваат терминот „ранливост“? Се разбира секој ПВО-систем има одреден степен на ранливост. Само кога тоа се проценува, се гледа колку голем е тој степен. Во случај на системот С-400, доколку непријателот успее да лансира 150 проектили од класата „воздух-земја“, тогаш еден од нив сигурно ќе ја погоди својата цел. Тука се работи за исклучително висок степен на борбена жилавост“, констатира рускиот генерал.
Што се однесува до метите кои летаат на екстремно ниски височини пониски од 500, па дури и на 50 метри (како што се крстосувачките ракети), и тука системот С-400 е повеќе од ефикасен, истакнува воениот експерт.
„Претходната генерација ракетни ПВО-системи со голем дострел С-300 имаше во својата тактичко-техничка спецификација прецизни бројки кога станува збор за борба против крстосувачки ракети чија траекторија е на висина од 50 метри. Овој ракетен систем со една ракета имаше веројатност за соборување од 70%, а со две - 90% успешност“, рече Горков. „Што се однесува до системот С-400, веројатноста за уништување на ваква цел со една ракета е далеку поголема отколку кај системот С-300. Затоа, заклучоците на американските аналитичари се или плод на незнаење или свесен обид за вештачко намалување на борбената способност на рускиот ракетен систем С-400. Подобро да посветат малку поголемо внимание на нивниот систем „Патриот“, кој има неспоредливо послаби можности во однос на рускиот С-400“, категоричен е рускиот генерал.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче