Дали Русија ги открива тајните на НАТО со продажбата на системите С-400 на Турција?

Григориј Сисојев/Sputnik
Русија во Турција може да започне дел од производството С-400 „Триумф“ – најсовршените системи за ПВО-ПРО на светот.

Турција купи две батерии од системот С-400 „Триумф“. Ова се најсовршените системи за ПВО-ПРО на светот. Русија започнува и еден дел од производството на овој систем во Турција. Овој проект ќе ја чини Анкара 2.5 милијарди американски долари, а почетокот на испораката на руските системи С-400 „Триумф“ е планиран за јули 2019 година. Сето ова беше уште еднаш потврдено при средбата на Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган во Анкара на 3 април.

Што е продадено?

Секоја батерија има по четири лансера, а секој лансер има по четири ракети. Ова значи дека една батерија има вкупно 16 противвоздушни ракети кои можат да соборат ловци од петтата генерација и крстосувачки ракети во радиус од 200 километри. Покрај тоа, Турција добива и резервен комплет ракети кои исто така се опфатени со договорот и кои ќе се наоѓаат на борбената точка. Покрај тоа, договорот подразбира и испорака на неколку возила за транспорт и за дополнување гориво, како и радарски станици, команден пункт и цела низа помошни возила.

Во Русија ќе се обучуваат припадниците на турските единици за ПВО-ПРО кои ќе ракуваат со овие системи.

Русија дури и се согласи на Турција како на свој партнер од НАТО да ѝ ја предаде технологијата и да отвори претпријатие во Турција.

Како што вели за Russia Beyond-Македонија Вјачеслав Давиденко, шеф на информативната служба на компанијата „Рособороноекспорт“, деталите од договорот се строго чувана државна тајна.

„Првите примероци од системот С-400 ќе стасаат во Турција кон средината на 2018 година. Има сè помалку време, зашто прифативме да го скратиме рокот на испорака и да ја испорачаме првата партија веќе следната година. Дотогаш, за жал, нема да стасаме да ја отвориме фабриката таму, така што дел од производството ќе им го предадеме на нашите партнери на почетокот на следната деценија“, вели тој.

Како што нагласува Давиденко, прашање е кој конкретен дел од технологијата за изработка на ракетата С-400 Русија планира да ѝ го открие на Турција. Ова зависи од билатералните односи на двете земји. „Ова нема да се реши на комерцијално ниво помеѓу производителот и нарачателот, ами на највисоко политичко ниво. Наскоро сè ќе биде многу појасно“, додаде тој.

Какви тајни поврзани за С-400 Русија не планира да открие?

Според мислењето на воениот аналитичар на агенцијата ТАСС Виктор Литовкин, Русија е подготвена да отвори во Турција неколку помали претпријатија кои ќе се занимаваат со производство на делови и ситна електроника за системите С-400. Но, нема да им ги открие на Турците најважните тајни од овој проект.

Според него, Русија не се согласила да ѝ овозможи на Турција пристап до електрониката на системите С-400 „Триумф“.

„Нема да откриваме детали поврзани за електрониката и шифри за пристап до системот. Сеопфатното техничко опслужување на системите ќе се врши во Русија во погоните на компанијата 'Алмаз-Антеј' (производителот на С-400 – заб. ред.)“, додаде тој.

Шифрите за пристап до електрониката и самата електроника што Русија не е подготвена да ги открие се однесува пред сѐ на системите за разликување на „своите“ од „туѓите“ објекти во воздухот.

„Тоа ќе биде систем од руско производство. Ние шифрите нема никому да му ги откриваме, нити кому било ќе дозволиме да го надогради овој систем“, истакнува аналитичарот.

Покрај тоа, Турција ракетите за овој систем ќе ги купува од Русија, каде тие и ќе се произведуваат.

„Започнувањето вакво производство е скапо и трае долго. Освен тоа, не би се рекло дека раководството на Русија е подготвено да ѝ ја открие на членка на НАТО една од своите најстрого чувани тајни поврзани за создавањето на противвоздушните ракети кои денес важат за најдобри на светот“, додаде аналитичарот.

Испораката на руски С-400 за Турција почнува во јули наредната година

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња