Како што соопштија од холдингот РТИ (интегрален дел на АФК „Система“), тестирањата на софистицираните радарско-набљудувачки системи за далечинско сондирање на Земјата успешно се реализирани во 2018 година, пренесува интернет-порталот РИА „Новости“.
„Институтот за радарска техника „А. Л. Минц“, кој е дел од групата компании РТИ, разви технологија со чија помош ќе бидат направени радарските системи интегрирани во вселенските летала (сателитите). Нивната основна задача ќе биде радарското скенирање на површината на Земјата и нејзината орбита, што ќе овозможи откривање на нисколетечки цели“, рекоа од информативната служба на компанијата.
При конструкцијата на радарско-набљудувачкиот комплекс ќе бидат применети специјални алгоритми кои ќе обезбедуваат при скенирањето на површината на Земјата да се добијат податоци во супервисока резолуција. Овие алгоритми, исто така, ќе обезбедат сосема нови начини на откривање и следење на подвижни објекти, што е исклучително важна техничка можност“, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.
Според директорот на РТИ Максим Кузко, новите технички можности ќе доведат до отворање на нови комерцијални пазарни услуги кога станува збор за сондирање на Земјата.
Од холдингот, исто така, потсетуваат дека во овој момент е присутен значителен раст на орбиталната групација составена од вселенски системи за радарско набљудување. Овој раст е последица на низата конкретни предности што овие комплекси ги имаат во однос на конкуренцијата. Конкретно, за нив не се пречка временските услови, а благодарение на напредните алгоритми имплементирани во развојот на новите радарско-набљудувачки станици, далеку поголема е површината на скенирање во единици време, а со тоа и манипулацијата со далеку поголемиот број на релевантни податоци.