Лансирањето беше извршено од космодромот Бајконур во Казахстан, со стандардна ракета „Сојуз-ФГ“ во 14 часот и 31 минута по московско време. Екипажот беше составен од космонаутот Олег Кононенко од Роскосмос, Ени Меклејн од НАСА и Дејвид Сен-Жак од канадската космичка агенција ЦСА/АСЦ. Олег е инаку ветеран во космичките патувања со вкупно 533 дена поминати во космосот, додека на неговите сопатници ова им е прва мисија од ваков тип.
До соединувањето со Меѓународната вселенска станица, и тоа на модул од нејзиниот руски сегмент „МИМ2 Поиск“, дојде по шест часа од лансирањето. За беспрекорноста на операцијата доволно зборува реакцијата на портпаролот на американската НАСА Гери Џонсон: „Ова е лансирање и поставување во орбитата како од учебник... Прекрасно полетување!“
Самата ракета користена во оваа мисија е донесена во Бајконур во август, додека нејзината подготовка започна во ноември годинава. На 12 ноември Роскосмос соопшти дека проверките за протекувања на ракетата во вакуумска комора се завршени. Потоа следуваше проверка на разните системи на ракетата. За тоа време, на 19 ноември на Бајконур стаса главниот и резервниот екипаж на Сојуз МС-11 за финална обука. Во склоп на тоа, проверена е и воздушната непропустливост на нивните космички одела од типот „Сокол“. Ракетата е наполнета со гориво на 23 ноември и истиот ден е испратена на финални проверки. Конечно, на 30 ноември на ракетата е монтирано вселенското летало во кое ќе биде екипажот, а следниот ден директорот на мисијата даде зелено светло за поставување ракети на платформата за лансирање.
По успешното лансирање и четирите круга околу Земјата, што траеше отприлика шест часа и пет минути, „Сојуз“ со уште тројца космонаути успешно се поврза со Меѓународната вселенска станица. Екипажот на „Сојуз“ чекаше два часа за да влезе во станицата, со цел притисоците на станицата и во нивното летало да се изедначат. Сега пред нив се 194 дена престој во вселената.
Сѐ на сѐ, тоа беше една рутинска мисија на одржување на функционалноста на Меѓународната вселенска станица. Но, додека сите светски медиуми беа загледани во „Сојуз МС-11“, руската војска изведе една доста мистериозна космичка операција. Имено, на 30 ноември со модифицирана балистичка ракета е лансиран грозд комуникациски минисателити наменети за тајната орбитална мрежа. Официјално, со ракетата од типот „Рокот/Бриз-КМ“ лансирана од космодромот Плесецк, во орбитата се поставени три специјални комуникациски сателити „Родник“, но интересно е што американскиот NORAD детектираше вкупно пет објекти во рамките на ова лансирање (трите споменати сателити, лансирно возило и неидентификуван објект), при што петтиот направи неколку необични орбитални маневри што не може да ги направи стандарден комуникациски сателит. Слично нешто се случи и за време на неколку претходни лансирања на „Рокот“ од Плесецк, и тоа во декември 2013 и во мај 2014 година. Руската војска и тогаш заедно со товарите на комуникациските сателити, во орбитата стави „уште нешто“ со пречник од о.3 метри, што беше во состојба да прави остри маневри и нагло да ја менува својата положба по повеќе месеци, па и по една година мирување.
Американските аналитичари од целиот свет оттука извлекуваат заклучок дека станува збор за некаква тајна руска констелација на специјални воени сателити, чија намена би можела да биде не само шпионска, ами потенцијално и борбено-антисателитска. Згора на тоа, Американците особено се загрижени поради тоа што нивните набљудувачи најпрво ги квалификуваа сите овие таинствени објекти како „вселенски отпад“, па не е сосема јасно дали некој од нив можеби им избегал.
Коментарот на поранешниот директор на Роскосмос Олег Остапенко на конференцијата за новинарите од декември 2015 година само разбуди уште поголема љубопитност. Иако рече дека објектите „Космос-2491“ и „Космос-2499“ (како што беа официјално наречени) не се „убијци на сателити“, тој соопшти дека тие се направени во соработка со Руската академија на науките со цел „мирољубиво истражување“ кое не го објасни подробно. „Тие ја исполнија својата мисија“, заклучи тогаш Остапенко, оставајќи ги сите да се прашуваат каква била таа мисија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче