На ТВ-каналот „Ѕвезда“ е емитувана воената емисија „Военаја пријомка“ (Военная приемка), посветена на суперсоничниот ловец-пресретнувач МиГ-31. Специјално за новинарската екипа што ја води оваа емисија, авионот МиГ-31 се искачи на Линијата „Армстронг“ (18900-19350 метри) што се наоѓа на границата на поблиската вселена, пренесува порталот „Бог-рата“.
Се разбира дека водителот на оваа емисија не полета заедно со пилотот, затоа што се работи за висина што е екстремна дури и за искусните пилоти. Екипата на емисијата монтираше видео опрема во авионот која мораше да биде цврсто фиксирана и обезбедена со специјални грејачи. На висини над 18000 метри техниката трпи големо оптоварување. Доволно е да се каже дека температурата паѓа под -60 степени Целзиусови, а на тоа треба да се додаде и брзина која е 2,5 пати побрза од звукот, пренесува интернет-порталот РГ.
До висина од 20000 метри МиГ-31 леташе практично вертикално, како ракета. Кога ја достигна планираната висина, полека се исправи во речиси хоризонтална положба, качувајќи се под благ агол, постојано совладувајќи нови метри. Брзината на авионот на таа висина изнесува 2500 км/час. Меѓутоа, оваа брзина не е лимит за робустниот ловец-пресретнувач. Тој може да достигне брзина од респектабилни 3000 км/ч. Тоа значи дека ако во тој момент дејствува од неговиот топ што го поседува во вооружувањето, наскоро би ги претекнал истреланите гранати.
И ова не е само една прекрасна метафора. Една од клучните задачи на авинот МиГ-31 е пресретнување на непријателски крстосувачки ракети. Брзината на ракетата „Томахавк“ е целосно достижна за МиГ-31, бидејќи оваа ракета лета околу 880 км/час.
Ваквите летечко-технички способности не се правени за остварување рекорди, туку за извршување специјални задачи за пресретнување, како што е борба против шпионски авиони У-2, па дури и непријателските сателити1 кои се движат во пониската орбита на Земјата.
Плафонот од 21500 метри МиГ-31 при нормален режим на летање го достигнува за 18 минути. Меѓутоа, воените специјалисти нѐ уверуваат дека во случај на потреба авионот може да ја достигне оваа висина за двојно пократко време.
1 Проект за противсателитска ракета со кинетичка боева глава 79М6 „Контакт“