МиГ-31 – чекор пред времето

Извор: ИТАР-ТАСС

Извор: ИТАР-ТАСС

Воздушните граници на Русија ги чува исклучителен авион кој е во состојба да пресретне секаква цел: од крстосувачки ракети кои можат да се скријат по релјефниот терен до сателитот, и тоа и дење и ноќе, во сите временски услови и со која било брзина. Воените експерти велат дека ниту денес, ниту во следните 10-15 години во светот нема да има авијатички комплекс кој според клучните параметри може да се спореди со рускиот авион МиГ-31.

Арктичка заштитница 

МиГ-31, суперсоничен ловец-пресретнувач, двосед (според кодификацијата на НАТО Foxhound – „ловечко куче лисичар“), е прв советски борбен авион од четвртата генерација. Постоеја две причини за изработка на овој авион кон крајот на шеесеттите години од минатиот век: внатрешна и надворешна. Од една страна САД ги воведоа во вооружувањето крстосувачките ракети и бомбардер FB-111. Овие нивни производи можеа да го прелетаат Северниот пол и да дојдат до границата со СССР на мали височини, следејќи го релјефот на теренот и не влегувајќи во видното поле на нашите сателити. Од друга страна, на рускиот север тогаш постоеше дупка во радарското покривање на границата.

Тактичко-технички карактеристики на МиГ-31 

  • Максимална полетна маса: 46.2 т
  • Максимална брзина на летот: 3.000 километри на час (на големи височини), 1.500 километри на час (на мали височини)
  • Плафон на летот: 20.6 километри
  • Максимална тежина на борбениот комплет: 9 т

Заради покривање на оваа дупка и пресретнување на потенцијални „гости“, решено е на небото над Арктикот да се испратат авиони кои се способни да го контролираат воздушниот простор на широк фронт во целокупниот висински дијапазон. Вакви авиони биле новите МиГ-ови, проектирани и развиени во истражувачко-проектното биро ОКБ „Микојан“, кое своето име го има добиено по прославениот конструктор на авиони Артјом Микојан (сега тоа е „Руска воздухопловна корпорација 'МиГ'“). По нивното поставување на боево дежурство, американските извидувачки авиони нагло го намалиле интензитетот на летовите долж границата на СССР.

Сега, кога прашањето за заштитата на интересите на Русија во Арктичкиот регион станува сѐ поактуелно, „арктичкото“ искуство на авионот МиГ-31 може да направи голема услуга во северните здружени единици на руската армија. 

Најдобар според своите карактеристики 

МиГ-31 може да ги пресретне и да ги уништи сите цели: од нисколетачки сателити до крстосувачки ракети. Група пресретнувачи контролираат голем дел од воздушниот простор, насочувајќи ги кон целта ловците и земските ПВО комплекси. 

Руските пилоти овој авион го нарекоа „летачка РЛС“, поради исклучителната можност на радиоелектронскиот комплекс на авионот. Основата на комплексот ја сочинуваат системите за управување со вооружувањето „Заштитница“, опремен со првата фазирана антенска решетка (ФАР) во светот. ФАР од класичниот радар се разликува по тоа што овозможува преместување на зраците при неподвижна антена, како и формирање на потребниот број зраци додека следи неколку цели истовремено.

Заштитница-М 

Во модернизираниот систем „Заштитница-М“, кој почна да се воведува во војската од 2008 година, максималното растојание за забележување на воздушните цели е зголемено на 320 километри.

„Заштитница“ може да забележи 24 објекти на оддалеченост од 200 километри. Нејзиниот компјутер избира четири најопасни цели и кон нив ги насочува ракетите со далечен дострел од класата „воздух-воздух“. За другите четири цели (максималниот број цели за истовремен напад е осум) работат ракети од среден или мал дострел, или нивните координати им се предаваат на ловците и на противавионските (зенитно-ракетни) комплекси на земјата. 

Експертите тврдат дека ниту денес, а ниту во следните 10-15 години во светот нема да се појави авијатички комплекс кој ќе може да се спореди со рускиот авион МиГ-31. Сите современи ловци (освен авионите од петтата генерација) не се во целост суперсонични, зашто кај нив времето на лет со суперсонична брзина е ограничено на 5-15 минути поради различни ограничувања поврзани со конструкцијата на змејот на леталото. Должината на лет со суперсонична брзина кај авионот МиГ-31 е лимитирана само со резервата на гориво. Згора на тоа, МиГ-31 е способен да го пробие звучниот ѕид во хоризонтален лет и во режим на искачување, додека поголемиот број суперсонични авиони ја надминуваат брзината М=1 при благо пикирање под агол помал од 45 степени.

Историја на суперсоничното полетување

Производството на авионот МиГ-31 започна во 1981 година во фабриката „Сокол“ во градот Горки (сегашен Нижни Новгород). Кон крајот на 1994 година беа направени над 500 вакви машини, по што нивното производство беше ограничено, така што во моментов во работна состојба има стотина. 

Работата на сериозната модернизација на авионот МиГ-31 која започна во 1984 година, доведе до изработка на авионот МиГ-31М. Тој стана врв на воената авијација во СССР, а цела низа податоци за него се недостапни до денешен ден. Познато е дека МиГ-31М по својата максимална брзина ги надминува сите слични авиони во светот за најмалку 500 километри на час. Во август 1995 година авионот беше претставен на аеромитингот „МАКС-95“ во Жуковски, кога предизвика реакции на воодушевување. Но, ни МиГ-31М не започна да се произведува сериски. 

Сепак, и во „Сокол“, а и во ремонтните фабрики зачувани се производните капацитети, кадровскиот состав и документацијата која е потребна за обновување на работата. Според пресметките на стручњаците од областа на авијацијата, сето тоа барем за третина ќе го намали времето и производствените трошоци за обновување на авионите кои се многу перспективни во одбраната на воздушно-космичките граници.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња