Паметен оклопен јуришник: Су-25СМ3 ќе биде целосно автоматизирана машина

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Напаѓачко-навигацискиот комплекс за јуришниците Су-25СМ3 ќе има елементи на вештачка интелигенција, соопшти добро информиран извор од рускиот воено-индустриски комплекс. Ова ќе обезбеди многу поголеми можности на воздухопловот во однос на претходните верзии.

Во рамките на модернизацијата на јуришникот Су-25 на стандардот СМ3, се планира интеграција на нов нишански комплекс кој во целост ќе биде автоматизиран, пренесува интернет-порталот ТАСС.

Според него, пилотот само ќе мора да ја „селектира“ својата цел што ќе се појави на дисплејот на кокпитот, а потоа целокупниот понатамошен процес на следење и огнено дејство по селектираната цел ја презема „вештачката интелигенција“, наведува интернет-порталот „Взгљад“.

Системот ќе има способност да ја идентификува и следи својата цел, како и да наведува ракети кон неа.

Целиот комплекс е интегриран во единствен систем на командување. Благодарение на ова вмрежување на авионот со централниот систем за командување и управување, се доби можност за избор на најоптимални маршрути за пресретнување на откриената цел. Понатаму, Су-25СМ3 ќе има можност да ги добие сите информации за целта и врз основа на информации од надворешни извори.

Во февруари оваа година беше соопштено дека и на руските ударни хеликоптери Ми-28Н „Ноќен ловец“ се тестира напреден напаѓачко-навигациски комплекс кој во себе има елементи на вештачка интелигенција.

Прочитајте повеќе: Рускиот „летечки тенк“ Су-25СМ3 ќе носи ракети „воздух-воздух“ со дострел од 110 километри?