Се работи за последната модернизација на рускиот оклопен јуришник кој ја носи ознаката Су-25СМ3. Според мислењето на специјалистите, применетата форма на модернизацијата е толку обемна што практично од авионот создаде нова борбена машина. Вградени се нови мотори и целосно се заменети напаѓачко-навигацискиот систем и авиониката, пренесува интернет порталот РГ.
Јуришниците Су-25СМ3 ги проширија своите тактички способности затоа што благодарение на интегрираната опрема добија можност за употреба на воздухопловните ракети од класата „воздух-воздух“ со среден дострел Р-77 и Р-27! Значи, станаа ловци-бомбардери.
Покрај дуплирањето на оклопната заштита на виталните делови на авионот која се состои од преградни двојни панели направени врз база на титаниум и специјален челик, Су-25СМ3 ќе биде опремен со комплекс за противелектронска борба „Витебск-25“. Се работи за индивидуален комплекс за заштита кој се применува кај авионите и хеликоптерите. Наменет е да го штити авионот од противнички ракети опремени со инфрацрвени, ултравиолетови, оптички и радарски глави за самонаведување. Значи, покрај ракети кои се лансираат од рамо, а кои многу лесно може да се најдат во рацете на терористичките формации (на пр. „Стрела“, „Игла“, „Стингер“, и сл.), овој комплексот успешно попречува и ракети со среден и голем дострел какви што имаат сериозните армии („Патриот“, „Астер“, „Бук“). Основен елемент на „Витебск“ претставуваат две компјутеризирани станици за активно попречување ЛС-370-3С кои се наоѓаат во специјални контејнери на поткрилните носачи на авионот. Тие претставуваат нова генерација на уреди за активно попречување кои во голема мера го деформираат и неутрализираат радарскиот сигнал кој го емитуваат непријателски радари и тоа во сите дијапазони на работа. Тука се наоѓа и системот Л-150-16M „Пастел“ кој го детектира озрачувањето на авионот од страна на противничките радари и го предупредува пилотот да примени соодветни контрамерки за да се избегне радарската видливост. Покрај овие две станици кои го попречуваат радарскиот сигнал, тука се наоѓа и комплексот за заштита од проектили кои се лансираат од ЛПРС. Се состои од детектор на инфрацрвено озрачување (2 сензора на предниот и на задниот дел на авионот), кој е поврзан со два диспанзера УВ-26М наменети за пасивна заштита на авионот кои имаат вкупно 56 касети. Овие касети имаат широк дијапазон на примена и можат ефикасно да ги збунат противничките ракети кои се наведуваат на инфрацрвен, оптички и радарски начин. Тестирањето на овој комплекс навистина покажа одлични резултати. Имено, на полигонот Ахтубински врз воено-транспортен хеликоптер Ми-8, зајакнат со систем за ПеБ „Витебск“ е дејствувано со дури 20 ракети истрелани од ЛПРС „Игла“.
Основата на пакетот СМ3 претставува интеграција на новиот електрооптички комплекс СОЛТ-25, која според своите севкупни карактеристики претставува сериозен исчекор кога се во прашање овие системи. СОЛТ-25 претставува повеќеканален комплекс, кој покрај ТВ-канали, има и термовизиска камера и ласерски далечинометар. Благодарение на своите напредни функции, тој може успешно да детектира голем број на „точкести“ цели на сериозни растојанија и во сите временски услови, дење и ноќе. Се карактеризира со висок степен на автоматизација, што до крајни граници ја поедноставува работата на пилотот. Исто така, значително е подобрена и пилотската кабина на авионот која е збогатена со нов head-up дисплеј, како и со дополнителни екрани кои му помагаат на пилотот при контролата на статусот на главните системи на авионот.
„Кога ќе се споредат овие два авиони, рускиот Су-25СМ3 преовладува во однос на брзината, но, исто така, и според уште една важна работа, затоа што напаѓачко-навигацискиот комплекс на овој јуришник е концентриран во „носот“ на авионот. Истовремено, тоа и ги ограничува неговите способности“, истакнува американскиот експерт за воени прашања и национална безбедност Чарли Гао.
Американски јуришник А-10 „Тандерболт“ и понатаму има предност кога станува збор за ракети опремени со оптоелектронски самонаведувани боеви глави кои се лансираат по принципот „истрелај и заборави“. Меѓутоа, овие ракети имаат еден голем недостаток, а тоа се современите противелектронски средства кои „научија“ како да излезат на крај со нив. Од друга страна рускиот јуришник Су-25СМ3 главно користи ракети класа „воздух-земја“ кои на целта се наведуваат со ласерски сноп отпорен на средства за ПеБ. Единствената ограничувачка околност во овој случај е што пилотот цело време мора да ја држи на нишан својата цел, сѐ додека ракетата не ја доврши работата.
„Двата авиона имаат свои специфични предности. А-10 „Тандерболт“ е ориентиран кон примена на моќниот 30 мм ротациски топ и „паметни“ оптоелектронски ракети, додека Су-25 е фокусиран на прецизно неутрализирање на копнени цели со помош на воздухопловни бомби и наведувани проектили кои се наведуваат со ласерски сноп“, истакнува стручњакот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче