Минерскиот спецназ примени халуциногено оружје (ВИДЕО)

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Министерството за одбрана на Русија објави ефектни видеоснимки од воената вежба на јуришниот баталјон на инженериските сили на полигонот Мулино кај Нижни Новгород.

Според планот на маневрите, деминерите имаа задача да обезбедат преминување на тенковите и механизираните пешадиски единици низ утврдени позиции на терористите. Минското поле на патот беше расчистено со системот за деминирање УР-77. Тој исфрла две експлозивни јажиња на млазен погон кои потоа паѓаат на минското поле, детонираат и го чистат коридорот по кој можат да поминат тенковите. Најновата инженериска машина ИМР-ЗМ врз база на тенкот Т-90 од земјата разриена од експлозиите брзо направи пат по кој поминаа оклопен транспортер и оклопно возило „Тајфун“ од чија горна купола во исто време митралезецот отвораше оган заради создавање автентична атмосфера.

Јуришните минерски единици не се стручни само за откривање и поставување мини. Тие можат да заземаат згради кои терористите ги користат како утврдени позиции, што беше и покажано во следната фаза на маневрите.

Група на инженериски спецназ во тешка опрема најпрвин го онеспособи непријателот со гранати, потоа го опсипа со ураганска стрелба од автомати и на крајот изврши упад во зградата. Борецот кој одеше прв ја покриваше целата група со блиндиран штит со ламби кои трепкаа со силна светлина.

„Интервалите на блескањето се добро пресметани. Тие го заслепуваат непријателот, го дезориентираат, а можат дури да предизвикаат и халуцинации“, велат припадниците на оваа единица. Сличен систем се применува и во Воената морнарица на Русија.

Пред него не останува ниедна непријателска мина: „Змејот Горинич“ во услови на улична борба