Воздухопловната компанија за производство на авиони НАО „Туполев“, која се наоѓа во состав на Обединетата воздухопловна корпорација, објави информација дека капитално ремонтирала и модернизирала уште еден стратешки бомбардер Ту-160, кој во меѓувреме го предала за употреба во единиците на Воздушно-космичките сили на Руската Федерација“, се вели во соопштението кое го пренесува информативниот портал „Интерфакс“.
Од информативната служба истакнаа дека стратешкиот бомбардер Ту-160 поминал капитален ремонт со модернизација во Казанскиот воздухопловен завод авијацискиот институт (КАЗ им. С.П. Горбунова – филијала на ПАО „Туполев“). Кон крајот на декември 2018 година на станицата на КАЗ за испитување на летањето е успешно завршена етапата на копнени и летечки тестирања на ремонтираниот авион и тој од 25 јануари оваа година е ставен на располагање на матичната единица во која се наоѓа.
„Во рамките на програмата за модернизација на воздухопловните системи на авионите на стратешката авијација „Туполев“ ги решивме задачите за зголемување на нивната севкупна ефикасност, како и продолжувањето на ресурсите при експлоатацијата“, велат од информативната служба на компанијата. Претставниците на компанијата додадоа дека во фази се ремонтираат и модернизираат практично сите стратешки бомбардери Ту-160 и Ту-95МС заради продолжување на нивните ресурси.
Началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов неодамна рече дека во рамките на програмата за модернизација на авионите Ту-160 и Ту-95МС „на нив ќе бидат интегрирани значително помоќни мотори, подобрена целокупната авионика, проширен арсеналот на убојно вооружување“. Претседателот на Комитетот на Државната Дума за одбрана и безбедност Владимир Шаманов рече дека оваа фаза на модернизација на авионите Ту-160 и Ту-95МС ќе овозможи примена на новите крстосувачки ракети со голем дострел.
Стратешките бомбардери-ракетоносци Ту-95МС и Ту-160 ја претставуваат воздухопловната компонента на нуклеарната тријада.
И едниот и другиот авион учествуваа и во руската воздушна операција во Сирија. Според министерот за одбрана, генерал на армија Сергеј Шојгу, за време на операцијата во Сирија руските стратешки бомбардери Ту-160 и Ту-95МС извршиле вкупно 66 воздушни удари со крстосувачки ракети врз објекти на терористите. Нивниот учинок се оценува како 100% успешен.
Ту-160 спаѓа во најголемите авиони во историјата на воената авијација. Тоа е суперсоничен бомбардер со променлива геометрија на крилата. Според својата тежина спаѓа во најтешките авиони во светот. Неговата максимална полетна маса достигнува 275 тони, а капацитетот на неговите спремници во внатрешноста на трупот на авионот достигнува дури 45 тони убоен товар. За споредба, американските стратешки бомбардери во својот труп можат да понесат помеѓу 22,7 тони (B-52) - 34,0 тони (B-1B). B-2 „Spirit“ има капацитет на внатрешните спремници до 27 тони убоен товар. И покрај тоа, Ту-160 може да достигне максимална брзина од 2230 км/ч и да се искачи на височина од 21000 метри.