Во годините што доаѓаат руската стратешка авијација ќе добие модернизирани авиони Ту-160М2 со подобрени карактеристики. Како што наведува командантот на стратешката авијација генерал-полковник Сергеј Кобиљаш, во моментов во светот не постои конкуренција кога е во прашање овој авион.
Како што пренесува рускиот информативен портал „Краснаја звезда“, генералот се осврна и на неодамнешните задачи кои ги извршија стратешките бомбардери Ту-160 за време на нивната посета на Венецуела. Имено, овие авиони летаа преку воденото пространство на Атлантскиот океан, каде наидуваа на нестабилни бурни зони проследени со силно електрични празнење. Меѓутоа, пилотите во таа прилика покажаа високо ниво на професионализам, кога во реално време ја коригираа својата траекторија на лет со цел избегнување на непотребен ризик, истовремено земајќи ги предвид и параметрите за нивото на гориво во резервоарите.
Генералот ја коментираше и изјавата на американскиот дипломат Кевин Витакер (амбасадор на САД во Колумбија) кој пред неколку дена рече дека рускиот надзвучен бомбардер е „музејски експонат“:
„Се работи за многу непрофесионална изјава која ја отсликува големата завист кај луѓето кои ја сметаат Русија за свој непријател. Во целокупната историја на воздухопловството сѐ уште се нема појавено летало кое може да му парира на овој авион во брзината, плафонот на летање и дометот. Неговата максимална брзина достигнува 2230 км/час. Тоа е повеќе отколку кај неспоредливо полесните авиони-ловци кои се наоѓаат во земјите кои го сочинуваат НАТО“, рече рускиот генерал.
Современото ракетно вооружување кое го поседува овој бомбардер, неговата брзина и плафонот на лет, му дозволуваат ефикасно да нанесува удар без да влезе во зоната на непријателската противвоздушна одбрана. Првиот човек на руската стратешка авијација додава дека покрај сите овие параметри техничките способности на Ту-160 сѐ уште не се исцрпени. Неговата модернизирана верзија ќе има уште подобри карактеристики. Тоа ќе биде практично нов авион кој само однадвор ќе изгледа како стариот.
Од безбројните елементи кои ќе станат дел од унапредениот авион, се издвојуваат две клучни работи. Прво, со овие напредни зафати ќе се продолжи рокот на неговата експлоатација која ќе достигне период од 45-50 години. На второ место се истакнува пакетот длабоко модернизирана авионика на воздухопловот, со новиот радио-електронски коплкес интегриран со офанзивно-навигациските компоненти, при што со авионот ќе може да се управува преку инерцијална, астро-инерцијална, радарска и сателитска навигација. Леталото за своја одбрана ќе користи комплекс за противелектронска борба која ја развива концернот „Радиоелектронски технологии“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче