На висина од неколку километри и со брзина од околу 500 км/ч треба да се приближите на танкерот на растојание од неколку десетици метри, а потоа со врвот на авионот тежок 260 тони да погодите конус со големина на обична кофа кој во воздух на таа брзина не мирува. За оваа операција е потребна апсолутна координираност на екипажот и на едниот и на другиот авион, а од пилотот на стратешкиот бомбардер се бара голема прецизност. Поради тоа дополнувањето на гориво пред тренингот на небо се увежбува повеќе пати на тренажер.
Штом цревото ќе се спои со конусот, се вклучува пумпањето на горивото. Кога се полни со гориво голем авион (а Ту-160 спаѓа во големите авиони) пумпите на авионот-танкер Ил-78 можат да преточат 3 тони керозин за една минута. Вистина, за Ту-160 тоа е како капка во морето. Овој џиновски ракетоносец може да прими 171000 литри керозин, а 3 тони му се доволни за половина час летање.
Големите авиони се полнат и по 15 минути и за сето тоа време екипажот мора строго да води сметка за брзината и висината за да не дојде до затегнување или претерано опуштање на цревото за гориво. Благодарение на дополнувањето во воздух должината на летот на стратешките бомбардери на Воздушно-космичките сили на Русија е практично неограничена.
„Некој под географија подразбира карта, а ние подразбираме глобус. Покажете ни ја која било точка на Земјината топка и ние ќе бидеме таму за одредено време“, истакна неодамна командантот на стратешката авијација на Русија генерал-потполковник Сергеј Кобилаш.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче