Руските лекари тестираат уред кој на пациентите кои се опоравуваат од мозочен удар ќе им овозможи со силата на мислата да испишуваат текстови со помош на компјутер, изјави во интервју за РИА „Новости” извршниот директор на гранковиот сојуз на Националната технолошка иницијатива (НТИ) „НејроНет” (НейроНет) Александар Семјонов.
Проектот на руските научници „Неврочат”, според него, го сочинуваат уред со вградена програма, невронски комплет за главата и специјален интерфејс. Безжичниот комплет со електроди се наоѓа на главата на пациентот. Пациентот се концентрира на определена буква од азбуката на екранот и така ја испишува. Терминалот може да биде монтиран на кревет или на инвалидска количка. Пациентите можат да комуницираат со луѓето до себе, но и преку интернет.
„Проектот ја доби наградата CES Asia како еден од најинтересните и најперспективни производи. Кон крајот на март планираме да го претставиме на конференцијата European Neuro Convention во Англија. Тоа ќе биде првата презентација на готовиот производ пред меѓународните компании“, изјави Семјонов.
Тој додаде дека првите неколку стотици апарати од пробната серија се испратени на пробно користење во неколку руски рехабилитациски центри. Во моментов се во тек преговори за набавка и испорака на уредот во руските центри. „Сериското производство, според нашите предвидувања, ќе почне кој крајот на пролетта или на почетокот на летото“, рече Семјонов.
Притоа тој не ја исклучува можноста дека во иднина уредот би можел да се применува и во индустриското производство, како и во индустријата за забава. „Секаде каде што постои комуникација меѓу луѓето и машините. Мислам дека тоа ќе им одговара на колегите“, рече тој.