Далекуметен удар: Новата генерација ракети кои се развиваат за Су-57 ќе имаат двојно поголем дострел

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Повеќенаменскиот ловец од петта генерација Су-57 доби нова класа ракети „воздух-земја“. Овие ракети ќе имаат такви параметри на ефективен дострел што ќе обезбедат напад врз противничките цели од зона која не ја покрива неговата ПВО.

 „Нашите ракети од класата „воздух-земја“, вклучувајќи ги и противбродските и противрадарските, треба да имаат мала рефлективна површина за одбивање на радарските бранови („стелтност“- невидливост), да бидат исклучително прецизни и отпорни на електронски пречки. Секако, уште еден значаен параметар ќе биде и нивниот максимален дострел, кој ќе обезбеди уништување на цел спектар непријателски цели надвор од зоната на дејство на неговата ПВО. Тоа се основните барања кои се применети на ракетното вооружување кое ќе биде имплементирано на ловецот од петта генерација Су-57“, изјави за интернет порталот ТВ „Ѕвезда“ генералниот директор на корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“ Борис Обносов.

Тој напомена дека ефективниот дострел на ракетите од класата „воздух-земја“ во однос на претходните модели е зголемен за дури 2 пати.

Су-57 е повеќенаменски авион-ловец од петта генерација, проектиран и развиен од бирото „Сухој“ со примена на технологија на намалена радарска рефлексија. Наменет е за борба против воздушни, копнени и поморски цели на непријателот кои се заштитени со средства за ПВО, како и за операции за длабинско извидување и уништување на системите за командување и управување со авијацијата на непријателот.

Ловецот има 14 подвесни точки за закачување на убојно вооружување. Осум се наоѓаат во внатрешниот отсек, во трупот на авионот, а шест на надворешните носачи. За овој авион се развива цел спектар на вооружување (дури 14 модели) од класата „воздух-воздух“, „воздух-земја“, „воздух-вода“, вклучувајќи и високопрецизни воздухопловни бомби.

Погледнете го видеото: Сјајни кадри: Авионите за „третата светска војна“ снимени од досега најкратко растојание