Нови детали за Су-57: Руското летало има способност истовремено да зафати до 30 воздушни цели?

Слободан Ѓукиќ
Руски конструктор изнесе нови детали за борбените способности на рускиот повеќенаменски ловец од петта генерација кој ќе ги надмине сите свои конкуренти.

Генералниот директор на Научно-истражувачкиот институт НИИП „В. В. Тихомиров“ Јуриј Бели даде изјава за руската телевизиска станица „Ѕвезда“ која се однесува на уникатните тактичко-технички способности што ги поседува повеќенаменскиот авион-ловец Су-57.

Конструкторот остакнува дека благодарение на напредните радарско-набљудувачки и електронски компоненти кои се дел од целиот овој комплекс, авионот е способен да зафати до 30 воздушни цели вклучувајќи и крстосувачки ракети. Таквата можност стана реална кога ги распоредивме радарските антени по целиот корпус на леталото, истакнува воздухопловниот конструктор.

„До појавувањето на авионот Су-57, како кај нас, така и кај нашите странски партнери, постоеше само еден локатор кој се наоѓаше во носниот дел на авионот“, напоменува генералниот директор на НИИП.

НИИП „В. В. Тихомиров“ претставува руски научно-истражувачки институт специјализиран за развој на системи за управување со вооружувањето кои се дел од современите и перспективни борбени летала како и на мобилните ПВО-системи со среден дострел. За авионот-ловец од петта генерација Су-57 овој институт ја конструираше компактната радарска станица со фазна антенска решетка Н036-Белка во комплет со системот за управување со оган  Ш-121. Според досегашната спецификација овој радар со интегрираниот систем за управување со огнот може да следи до 62 различни непријателски цели (вода-воздух-земја), од кои истовремено може да нападне 20 (16 во воздух и 4 на копно).

Су-57 е повеќенаменски авион-ловец од петта генерација, проектиран и развиен од бирото „Сухој“ со примена на технологијата на намалена радарска рефлексија. Наменет е за борба против воздушни, копнени и поморски цели на непријателот кои се заштитени со ПВО-средства, како и за операции за длабинско извидување и уништување на системите за командување и управување со авијацијата на непријателот.  

Првите оперативни авиони Су-57 се очекуваат во единиците на ВКС во 2019 година.

Прочитајте повеќе: Руски конструктор „пластично“ ја опишува разликата меѓу Су-57 и неговите конкуренти F-22 и F-35

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња