Рускиот „Албатрос“: Во соларен авион околу светот за 150 часа

За да развијат нов соларен авион, руските истражувачи направија летачка фотоволтаичка лабораторија во која соларната енергија се претвора во електрична.

За да развијат нов соларен авион, руските истражувачи направија летачка фотоволтаичка лабораторија во која соларната енергија се претвора во електрична.

sk.ru
Бестрашниот руски истражувач Фјодор Коњухов кој неодамна ја обиколи Земјината топка во балон, најде нов предизвик. Планира да лета околу светот во соларен авион на кој во моментот работат руските стручњаци.

Новиот проект под назив „Албатрос“ има за цел да создаде авион кој ќе го изведе првиот лет во континуитет околу Земјата на соларна енергија. Иако летот е планиран за 2020 година истражувачите мораат да соберат обемни податоци пред проектот да стартува.

Рускиот авантурист Фјодор Коњухов, кој ги освои и Јужниот и Северниот пол и седумте највисоки врвови на светот, сега планира да лета околу светот во соларен авион.

Како дел од проектот научниците направија летачка фотоволтаичка лабораторија која ја претвора соларната енергија во електрична. Таа е опремена со уникатни флексибилни соларни модули што ги произведува московската компанија ТЕЕМП.

„Овие соларни модули имаат ефикасност од над 22% и можат да фаќаат како директна, така и рефлектирана светлина“, објаснува Сергеј Курилов, генерален директор на компанијата ТЕЕМП.

Флексибилните соларни модули се инсталираат на горната и на долната површина на крилата, како и на капаците на долниот дел на авионот и на горниот дел од трупот. Електричниот грејач овозможува одржување пријатна температура во авионот за време на летот на големи висини.

Фотоволтаичката лабораторија е претставена на крајот на октомври во иновативниот центар „Сколково“ во Москва, најголемиот технолошки центар на Русија.

Ќе бидат потребни цела низа технолошки решенија за да се оствари првиот лет околу светот на соларна енергија, вели Михаил Лифшиц, раководител на проектот „Албатрос“, додавајќи дека фотоволтаичката лабораторија е најважната фаза во овој процес.

„Сè уште не знаеме колку (соларна) енергија ќе може да собере авионот на различни географски ширини во различни делови од денот“, објаснува тој, додавајќи дека инженерите мораат да располагаат со попрецизни пресметки за да го конструираат авионот.

Летот околу светот ќе биде изведен на висина од 12-14 километри со просечна брзина од 210 километри на час. Се очекува дека авионот ќе мине 35.000 километри за 150 часа, летајќи над Австралија, Нов Зеланд, Чиле, Аргентина, Бразил и Јужна Африка.

Се проценува дека 80% од летот авионот ќе го мине над површината на Тихиот, на Атлантскиот и на Индискиот океан.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња