Русија ќе лансира сателит од мобилен ракетен лансер

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Руските лансери на интерконтинентални балистички ракети добиваат и мирољубива примена благодарение на проектот на „Роскосмос“.

„Роскосмос“ одобри обновување на програмата „Старт-1“ која опфаќа лансирање на сателити од воени мобилни лансери на балистички ракети. Ова го соопшти Јуриј Соломонов – главниот инженер на Дирекцијата за реализацијата на горивно-енергетски проекти при Центарот за диверзификација на Обединетата ракетно-космичка корпорација, пренесуваат медиумите.

„Неопходно ни е одобрение од претседателот на државата кое, како што очекуваме, би требало да стигне до крајот на ноември за да биде лансирањето подготвено за две години“, изјави тој на конференцијата за диверзификација на ракетно-космичката индустрија.

Овој проект, како што истакна главниот инженер, претставува враќање во потфатите од деведесеттите и првата деценија на 21 век. „Тоа е употребата на воените технологии во мирољубиви цели. Пласирање во ниските орбити, специфични по висината и по масата на полезниот товар во нив“, прецизира Соломонов.

Стручњакот потсети дека во текот на деведесеттите и раните двеилјадити се изведени многу лансирања на сателити од САД, Мексико, Израел и Шведска, а дека „специфичноста е во тоа што проектот е базиран на технологија на специјален тип на ракетни система кои се копнени и мобилни и не бараат практично никаква инфраструктура“. Соломонов исто така ја истакна посилната конкурентност на пазарот на лансирни услуги кои проектот „Старт-1“ може да ја даде, како и натрупувањето на нарачки кои ќе ги добие рускиот воено-индустриски комплекс.

Ракетата-носач „Старт-1“ претставува конвертирана верзија на интерконтиненталната балистичка ракета 15Ж58 од составот на мобилниот ракетен систем „Топол“. Масата на товарот при лансирањата од платформите во Плесецк и Свободни кон ниската орбита (400 километри) изнесува 500 килограми. Првото лансирање е изведено 1993, а последното 2006 година.

Прочитајте повеќе: Клучниот елемент на вселенскиот нуклеарен мотор успешно тестиран во Русија