Рускиот воено-индустриски комплекс успешно работи на развој на современи извидувачки беспиотни летала кои ќе се произведуваат во облик на птици. Моделот на беспилотното летало кое има облик на поларен був беше претставен на изложбениот штанд на Воено-ваздушната академија „Професор Н. Е. Жуковскои и Ј. А. Гагарин“ на XXII Меѓународен саем „Интерполитех-2018“.
Иако во природата овие птици главно ловат мали животни како глодачи, високотехнолошкиот биоморфен „Був“ што го произведува рускиот воено-индустриски комплекс ќе се концентрира на лов на далеку поопасен и покрупен „плен“ како што се основните борбени тенкови на противникот и неговата дополнителна оклопна техника, артилериското, ракетното и останатото вооружување кое се наоѓа на стационарни и мобилни платформи.
Како што истакна претставникот на воено-школската институција потполковник Артур Шубин, беспилотниот був ќе биде опремен со најсовремена оптоелектронска апаратура вклучувајќи и ласерски обележувач на целта. Имено, веднаш откако беспилотното летало ќе забележи и идентификува непријателска цел автоматски се вклучува ласерскиот обележувач за наведување на високопрецизно оружје. Притоа, комплетот опрема за маскирање кој верно имитира вистинска птица, како и нечујниот електромотор, се должни да обезбедат изразено висока тајност на целата операција.
Специјалистите од академијата развија две верзии на беспилотни летала. Покрај наведениот „Був“ кој е наменет за оперирање во северните региони на Русија, тука се наоѓа и беспилотниот апарат во облик на сокол. Овој модел на беспилотно летало, покрај специјалните задачи за откривање и наведување на огнот врз забележани непријателски цели, може да послужи и за осигурување на нормална орнитолошка ситуација на аеродромите. За одбивање на птици како што се, на пример, гулаби, ластовички, врани, беспилотното летало во вид на сокол емитира реални звуци својствени за овие перјести предатори. Притоа самата експлоатација на ваквиот тип беспилотно летало е далеку поевтина од употребата на вистински сокол-балабан.
Покрај навистина интересните модели на беспилотни летала во вид на реални птици, стручњаците од Воено-воздушната академија претставија и инфрацрвен систем кој обезбедува автоматско слетување на беспилотните летала. Како што соопшти научниот соработник на школската институција Виталиј Просенко, развојот на оваа апаратура е наменет за продолжување на функцијата на беспилотното летало во услови на губење на каналите за управување со неговиот оператор и невозможноста за воспоставување врска со сателитската навигација. Неговата интеграција на беспилотното летало обезбедува негов подолг век на траење и повеќекратна примена.