Арктикот стана предмет на интерес на низа држави, што може да доведе до нараснување на конфликтниот потенцијал во целиот регион, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на заседанието на воениот колегиум.
„Заштитата на руските национални интереси во Арктичкиот регион и активната работа на нивно остварување е една од приоритетните задачи на руската армија. Денес Арктикот за одреден број на држави стана исклучително важен регион кога е во прашање не само територијалниот, туку и ресурсниот и воено-стратешкиот простор. Сето тоа може да доведе кон постепено нараснување на потенцијалот за судир во овој регион на светот“, истакна Шојгу.
Според него, во моментов на поширокиот простор околу Арктикот се наоѓаат мразокршачи не само од Русија, туку и од Јужна Кореја, Шведска, Германија, САД и Кина.
Првиот човек на Министерството за одбрана потсети дека со цел адекватно реагирање на моменталните и идните закани на овој простор врз база на Северната флота се спроведува реализација на Комплексниот план на Министерството за одбрана, кој подразбира завршување на формирањето на тнр. Арктичка војска, предвиден за крајот на 2020 година.
„Минатата есен во нејзиниот состав влегоа мразокршачот „Илја Муромец“¹ и големиот брод за логистички операции „Елбрус“, а ова лето добровооружената ракетна фрегата од класата 22350 „Адмирал Горшков“ и големиот десантен брод „Иван Грен“. Во тек се завршните испитувања на морскиот танкер од средна класа „Академик Пашин“, истакна рускиот министер за одбрана и со конкретни аргументи го потврди своето излагање за големото засилување на поморскиот оперативно-стратешки борбен состав, поточно на Северната флота, а со самото тоа и на Арктичката група која се наоѓа во фаза на формирање и опремување.
¹ Дизел-електричниот мразокршач од класата 21180 „Илја Муромец" го доби името по познатиот епски руски средновековен јунак, симбол на духовната и физичка сила и интегритетот, е првиот брод од оваа класа изграден за руската Воена морнарица во последниве 40 години. Трупот на мразокршачот може да разбива мраз со дебелина од еден метар. Депласманот на бродот е 6000 тони, развива брзина од 15 јазли и автономно може да плови 5600 илјади километри, што далеку ја надминува должината на северниот морски пат.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче