Русија контролира сѐ поголем дел од Арктикот

Фотографија од слободни извори.
Битката за Арктикот не се води само над туку и под водата. Во структурите на ОН руските научници се заложуваат за проширување на границите на рускиот подводен епиконтинентален појас во Северен Леден Океан, руската индустрија за подготвува за експлоатација на огромниот потенцијал природни ресурси на Арктикот, а војската се подготвува да го брани целото богатство. Во составот на оваа „битка за Арктикот“ беше создаден и проект на најновиот руски хидроакустичен систем на далечните граници, кој на руската војска ќе ѝ овозможи да ја следи и да ја контролира состојбата под водата на оддалеченост од десетици наутички милји.

За да може да се победи противникот, најпрво треба да се забележи. Во воздушната и во надводната сфера тоа е едноставно, додека за откривањето подводни објекти постои само едно средство, а тоа се хидроакустичните станици. Според дострелот на забележување на објектите тие до таа мера заостануваат зад радарите што за благовремено забележување и уништување на невидлив подводен непријател често е потребно да се вложат огромни напори.

Со цел покривање на своите воено-поморски бази и базни пунктови, уште во педесеттите години од минатиот век започнала изградба на стационарни хидоракустични станици и комплекси чија задача била да забележуваат непријателски подморници и да го следат нивното движење, како и да обезбедат одбрана на приморјето и на приодот до објектите на крајбрежната инфраструктура.

Во тие години советската воена морнарица ја добила првата ваква станица – „Волхов“. Потоа ваква станица била испорачана во Египет и во Кина. Во текот на следните децении морнарицата ги добила МГ-407 и МГ-409, радарските станици за кружно набљудување „Амур“ со антена со пречник од околу 20 метри и депласман до 500 тони, како и граничната станица „Лиман“, која овозможува сигурно забележување на противникот во областа во која започнува ледената површина на Северен Леден Океан (која подоцна се појави како варијанта „Лиман-М“). Врв на проектот во оваа сфера беа стационарните станици „Аган“ и „Днестар-М“.

По распадот на Советскиот Сојуз и по драстичното намалување на финансирањето, работата во оваа област или била сосема стопирана, или реализацијата била значително забавена. Со почетокот на обемната програма за модернизација на руските вооружени сили, военото раководство се сети дека е потребно да се реши задачата за увид во ситуацијата под вода на различни делници на приморските граници на Русија.

Хидроакустична бариера на далечните граници

Неодамна се дозна за одлуката на Северната флота да ја прошири зоната опфатена со моќните стационарни хидроакустични средства, кои можат да ја контролираат подводната ситуација на повеќе десетици и стотици милји од брегот, благодарение на антените што се наоѓаат далеку во океанот.

На морнарицата на Северната флота до крајот на годинава на располагање ќе ѝ биде уште еден стационарен хидрауличен комплекс МГК-608М, направен во научноистражувачкиот институт „Атол“. Неговиот истурен дел, како што тврдат руските извори, ќе биде оддалечен дури 160 километри од крајбрежната линија. Командниот пункт на овој комплекс ќе се наоѓа во Североморск, а со него ќе управуваат само четири лица.

Експортната варијанта на овој комплекс, МГК-608Е, беше успешно демонстрирана на Меѓународниот воено-морски салон во Санкт Петербург, кој беше одржан ова лето. Комплексот е составен од неколку антенски решетки, кои се поставуваат на дното на морето, а се состојат од елементи за прием – хидрофони, кои можат да бидат оддалечени десетици и стотици километри од брегот.

Мозок на системот е специјален хардверско-софтверски систем, кој може да обезбеди интеграција на податоците не само за подводната и надводната туку и за воздушната, надземната, па дури и за космичката ситуација. Овој систем може да анализира и да управува различни ситуации. На пример, може да им покажува цели на руските маневарски сили. Арктичката команда на Вооружените сили на Русија, благодарение на ваквите интегрирани системи, ќе може да обезбеди сигурна одбрана на земјата од каква било закана од северен правец.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња