Руските војници во Сирија наидувале на необични минско-експлозивни средства кои интензивно беа користени од терористите.
Магазинот „Армиски стандард“ (Армейский стандарт) го објави сведоштвото на Сослан Цебоев кој се наоѓал на чело на одделението „Запад” на Центарот за помирување на завојуваните страни во Алепо. Според него, терористите воделе препредена војна со мини. Кога ги напуштале населбите, терористите оставале голема количина маскирани мини од рачна изработка.
„На пример, обична распрскувачка мина премачкуваа со гипс, така што беше тешко да се разликува од камен кој лежи покрај патот. За тој „камен“ беа врзани два контакта, еден имаше напојување на батерија, а другиот црвен детонирачки штапин. Дури и од конзерва со боја можеа да направат мина“, објаснува офицерот. Терористите користеле и мини со сензори за движење. Но, за среќа, кога руските војници ги откривале, батеријата во нив веќе била потрошена и не можеле да експлодираат.
Офицерот исто така раскажа интересна приказна за мините-стапици. Според него, во една населба е пронајдена зграда чии прозорци биле покриени со душеци. Се покажало дека зградата е комплетно минирана - покрај секој влез била поставена мина. Сириските деминери однадвор ја деминирале зградата, но одбиле да влезат во поранешниот штаб на терористите. Напишале на ѕидот „мини“ и заминале. „Интересно е, но тамошните жители ни зборуваа дека таа зграда не треба да се чепка. Некоја мистерија, такво нешто.. Веројатно за нив тоа место беше проколнато“, вели Цебоев.
Уште едно омилено оружје на терористите биле ракетите од рачна изработка, направени од плински шишиња наполнети со експлозив и шрапнели. За зголемување на количината на убојни парчиња се користени шајки, шрафови, топчиња од лагери, па дури и празни чаури.
„За да му се даде потребната траекторија на ова импровизирано оружје, на шишето заваруваа опашест продолжеток. И со овие ракети гаѓаа цивили. Подоцна се пронајдени цели фабрики за производство на оваа муниција“, вели Сослан Цебоев.
Иако оваа муниција е примитивна, кога таквите „ракети” удирале во куќа, предизвикувале тешки последици. Покрај тоа, руските војници морале постојано да соборуваат дронови кои кружеле над градот.