Најновата ракета на рускиот систем за противракетна одбрана (ПРО) успешно го помина тестирањето на полигонот Сари-Шаган во Казахстан. По лансирањето ракетата успешно ја пресретна својата симулирана цел. Системот кој ја наведуваше ракетата ѝ овозможи да се уништи непријателскиот воздушен објект на максимална висина и растојание од објектот што се штитеше.
Како што објави весникот на руската војска „Краснаја звезда”, повикувајќи се на изјавата на командантот на здружената противвоздухопловна и противракетна одбрана на Воздушно-космичките сили на РФ генерал-мајор Андреј Прихотко, модернизираното оружје може да лета со брзина од околу четири километри во секунда.
Овој тип на тестирања е една од најсложените технички постапки кои се случуваат во рамките на руската армија и мора да се изведува по детална подготовка на теренот каде што се врши тестирањето и на живата сила која ќе учествува во него.
Треба да се додаде дека во светски размери оваа ракета нема пандан кога е во прашање вооружување од слична класа и намена. Нејзините тактичко-технички карактеристики кои се однесуваат на дострелот, прецизноста и роковите за експлоатација значително ги надминуваат огнените средства кои во моментов се наоѓаат во оперативното вооружување на руската армија.
Производството и испораката на пресретнувачките ракети за единиците на ПВО и ПРО на Воздушно-космичките сили на Русија ќе почнат во најскоро време.
Системот за противракетна одбрана се наоѓа во состав на Воздушно-космичките сили на РФ и е наменет за заштита од ограничен нуклеарен напад со интерконтинентални балистички ракети или од ненамерно хавариско лансирање од страна на сопствените ракетни системи.